Интернетот троши исклучително многу струја, што има негативни последици врз климата на Земјата, изјави потпретседателката на Еврокомисијата Маргрет Вестагер во интервју за весниците од медиумската група Функе.

Данската политичарка потенцираше дека за понатамошната дигитализација ќе биде потребно уште поголемо количество струја. – Стримингот на филмови троши многу електрична енергија. Исто така, сетете се и на серверските центри, кои треба да се климатизираат, вели Вестагер и заклучи дека тоа ќе биде огромен предизвик за зацртаната климатска неутралност на Европската унија до 2050 година.

 Со Зелениот нов договор ќе мора да развиваме технологии со цел да ја намалиме потрошувачката на енергија и да ја подобриме енергетската ефикасност, истакна потпретседателката на ЕК. – Но воедно, не можеме да ги победиме климатските промени без дигитални решенија, оцени Вестагер.

Според податоците на германската компанија Еон, ширум светот, платформите за стриминг како што се Нетфликс и Јутјуб, и услугите на видео конференции како Скајп, трошат 200 милијарди киловатчасови електрична енергија годишно. Во текот на изминатата година платформите за стриминг потрошиле иста количина енергија, како и сите домаќинства во Германија, Италија и Португалија заедно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.