„Мерцедес-Бенц“ планира во полскиот град Јавор да изгради фабрика за производство на лесни товарни возила придвижувани со двигатели исклучиво на елекричен погон.

„Ќе изградиме фабрика за доставни возила придвижувани целосно на електричен погон во Јавор“, изјави Матијас Гајзен од „Мерцедес-Бенц ванс“.

Деловниот потег е во согласност со плановите на компанијата за реорганизација на европската производствена мрежа и „означува нова пресвртница во нејзината трансформација во обезбедувач на локална мобилност со нула-емисии“, соопштено е од компанијата.

Според изјавите од прес-конференцијата одржана со полскиот премиер Матеуш Моравјецки во Варшава, компанијата има намера да инвестира повеќе од милијарда евра во следните неколку години во фабрика што ќе биде фокусирана на производство на комбиња придвижувани исклучиво на електрична енергија.

„Утврдената локација му овозможува на Одделот за доставни возила да ги оптимизира трошоците и синџирот на снабдување, како и енергетско ефикасно производство на комбиња од новата генерација“, соопшти компанијата.

„Одлуката за локацијата и конкретната реализација на проектот сепак зависи од конечното исполнување на различни рамковни услови, вклучително и доделување грантови за инвестирање во Јавор“, додаваат тие.

„Мерцедес Бенц“ веќе има фабрика за двигатели во Јавор со повеќе од 800 вработени.

Во меѓувреме, американскиот производител на електрични автомобили „Ривиан“ ги одложи своите планови за заедничко производство на комбиња со „Мерцедес Бенц“. Иако партнерството беше објавено во септември, „Ривиан“ моментално се фокусира на други проекти, објавија и двете компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.