Настанатата ситуација со кризата со коронавирусот придонесува со забрзан чекор да се поттикне електронската трговија и во нашата држава, па во таа насока и да се зголеми бројот на онлајн нарачките и тоа со достава до врата. Доколку се најдете во улога на купувач преку телефони, компјутер, таблети,… пред да започнете со процесот на е-купување, Агенцијата за пошти (АП) препорачува задолжително да се направи проверка на онлајн продавницата од која сакате да пазарите. Ова, како што истакнува АП, е неопходно да се направи бидејќи на електронскиот пазар постојат и лажни електронски продавници.

Како што укажува Агенцијата за пошти, не секој поединец или фирма, што се претставуваат дека се онлајн продавници се веродостојни продавници. Ова, посочува регулаторното тело во поштенскиот сообраќај, можеме да го забележиме најчесто на социјалните мрежи. Знаеме дека секој поединец може брзо и едноставно да креира лажен профил на некои од социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм итн.) и да нуди продажба на производи и со помош на курирска достава да ги доставува до вратата на купувачот. Според сознанијата на Агенцијата за пошти, на ваквите е-продавници најчесто се нудат текстил, обувки, електронски апарати, козметички и хигиенски производи, како и детски играчки.

АП советува и дека веб-продавниците кои се рекламираат дека вршат продажба на различни производи и услуги, исто така, треба да се проверат дали навистина постојат како официјално регистрирани трговци (во Централниот регистар на Република Северна Македонија или Управата за јавни приходи). За да се поедностави процесот доволно е да се побараат информации за компанијата која стои зад електронската продавница, односно адреса на компанијата и евентуална локација, контактни податоци – како телефонски број, активна е-адреса и сл.

Друг начин за проверка за сигурноста на е-продавниците е поседувањето дигитален сертификат, односно дали во пребарувачот на почетокот од лентата за линкот постои зелен катанец, кој означува дека конекцијата е безбедна. Со кликањето на катанчето може да се провери кој го издал сертификатот и кој одговара за неговата валидност.

Исто така, советува Агенцијата за пошти, при проверка на валидноста на е-продавниците треба да се внимава и на сомнителни „скокачки прозорци“, односно дали се наоѓате на истата веб-страница од каде што излегол прозорецот и да се обрне внимание на рекламните банери, кои пренасочуваат на друга веб-страница или, пак, на страници кои имитираат други со цел да соберат лични податоци и приватни информации. Ваквите страници може да се препознаат според доменот (=domain) на веб-страницата во лентата за линк, односно при секое пренасочување да се внимава дали се сменил доменот или истиот е сомнителен.

Електронските продавници кои имаат визуелно добро организирани веб-страници нудат информации за своите потрошувачи од типот на информации за производите што ги нудат, услови за користење, политика на приватност, помош при купување, начин на плаќање, услови за испорака, рекламации и сл. Начинот на плаќање за одбраниот производ или услуга најчесто се врши со помош на платежни картички или со готовина, што е избор на купувачот. Плаќањето преку платежни картички се врши со внесување на податоците од картичката и тие не се зачувуваат ниту, пак, се пренесуваат преку серверот на е-продавницата. Најчесто секоја направена трансакција подлежи на авторизација – период во кој износот на трансакцијата е резервиран, но не и повлечен од картичката, заради дополнителна потврда на достапноста на нарачаниот производ. Трансакциите се процесираат преку платежниот процесинг-систем на банката која е сертифицирана за процесирање трансакции. Во моментот кога се врши плаќањето и се внесуваат податоците, тие се процесираат преку безбедносниот протокол на банката и тие податоци не се видливи за е-продавницата, објаснува Агенцијата за пошти.

Следен чекор, дополнува, е доставувањето на производот до адресата на купувачот. Оваа активност им е доделена на лиценцираните поштенски оператори. Тие го преземаат производот од испраќачот (од е-продавницата) којшто е соодветно обликуван во пратка и издаваат адресница со единствен бар-код, т. е. број на пратката и на неа се впишуваат податоците за испраќачот и за примачот (име, презиме, адреса, телефонски број, количина, вид на пратката, датум на прием и датум на доставување на пратката итн.). Откако во однапред определено време пратката ќе биде доставена, односно врачена на примачот, тој го потврдува својот идентитет и во адресницата своерачно потпишува за приемот на пратката. На овој начин доставата на пратката е уредно извршена и од тој момент пратката е во сопственост на примачот (купувачот).

Како што објансува АП, плаќањето во готовина претставува активност која е составена од поштенска и финансиска услуга. Поштенската услуга го опфаќа делот во кој поштенскиот оператор го презема одбраниот производ од испраќачот (е-продавницата) и како пратка со откупнина ја доставува на адресата на примачот (купувачот). Откако примачот ќе се легитимира, доставувачот му ја врачува пратката и за неа од примачот добива готовина – паричен износ кој е впишан во адресницата од страна на испраќачот. Наведениот износ претходно е договорен помеѓу испраќачот и примачот и треба да биде вратен назад на испраќачот.

Без разлика кој начин на плаќање ќе го одбере купувачот, по приемот, во случај содржината на пратката да не соодветствува со производот/производите што се нарачани, одговорноста паѓа на страната на продавачот, т. е. на е-продавницата, нагласува Агенцијата за пошти.

Ова регулаторно тело во повеќе наврати им укажува на купувачите – примачи на пратки, дека купување од непроверени профили на социјалните мрежи претставува голем ризик и дека поштенските оператори не одговараат за содржината на пратката. Поштенските оператори можат да преземат одговорност само за губење или целосно оштетување на пратката, за делумно оштетување или нејзино ограбување или, пак, за пречекорување на рокот за достава.

Агенцијата за пошти истакнува дека ги поддржува е-трговијата и онлајн нарачките и ги охрабрува потрошувачите да имаат доверба во македонските е-продавниции да купуваат од нив бидејќи домашната понуда е зголемена и успева да ги задоволи потребите на купувачите кои се одлучуваат за електронско пазарење. Со ваквиот чекор, како што потенцира, ќе придонесеме и за развој на домашната економија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.