Како дел од борбата против дезинформациите на Фејсбук, компанијата оствари соработка со независни проверувачи на факти од трети страни ширум светот, кои ја прегледуваат и оценуваат точноста на содржината. Денеска беше најавено започнувањето на програмата за проверка на факти од трети страни во С. Македонија со Вистиномер (Фондација Метаморфозис). Оваа програма започна и во регионот, односно Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, како и нејзино проширување во Хрватска. Сите партнери на програмата се сертифицирани преку непартиска меѓународна мрежа за проверка на факти.

Кога проверувачот на факти ја рангира веста како лажна, Фејсбук ја прикажува подолу во „Новости (News Feed)“, со што значително се намалува нејзината дистрибуција. Ова, како што стои во соопштение испратено до медиумите, спречува да се шири измамата и да се намали бројот на луѓе што ја гледаат веста. Страниците и домените што постојано споделуваат лажни вести, исто така, ќе имаат намалена дистрибуција и ќе се отстрани нивната можност за заработка и рекламирање. И кога објавата е обележана како лажна, Фејсбук ги предупредува луѓето што ја гледаат или се обидуваат да ја споделат објавата дека е обележана како таква.

Среќни сме што ја започнавме нашата програма за проверка на факти од трети страни во С. Македонија со Вистиномер (Фондација Метаморфозис). Борбата против лажните вести е одговорност што ја сфаќаме сериозно, затоа постојано работиме на начини да помогнеме да се запре ширењето на дезинформациите на нашата платформа, изјави Софи Ајерс, менаџер за стратешки развој на Фејсбук.

Оваа програма, стои во соопштението, е во согласност со тројната платформа за развој на софтвер апликации (three-part framework) на Фејсбук за подобрување на квалитетот и автентичноста на вестите во делот „Новости (News Feed)“, при што Фејсбук ги отстранува профилите и содржината што ги кршат нивните Стандарди на заедницата (Community standards) или политиките за рекламирање (ad policies), ја намалува дистрибуцијата на лажни вести и неавтентична содржина како што е кликбејт и ги информира луѓето давајќи им повеќе контекст на објавите што ги гледаат.

 Фејсбук е платформата преку која луѓето во нашата земја најчесто наоѓаат, примаат и консумираат информации. Во комбинација со нашите напори да ги поттикнеме читателите да размислуваат критички за кредибилитетот на медиумите и селективно да пристапат кон изворите на информации, веруваме дека партнерството со ФБ е најефикасниот начин за борба против ширењето на погрешни и лажни информации, вели Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.

Фејсбук, наведуваат, има преку 70 партнери за проверка на факти на повеќе од 50 јазици на глобално ниво и секојдневно инвестира во начини за понатамошно развивање на овие напори

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.