Летото е во полн ек, времето е променливо, но температурите се високи, а деновите се жешки. Познатиот јапонски технолошки гигант Сони се обиде да понуди  идеално решение за летните горештини.

„Reon Pocket“ е мала преносна клима со тежина од само 80 грама, што го лади својот корисник во движење. Уредот е поставен во џебот на специјалната маица сместена на задниот дел, во пределот на вратот, над која може да се носи и друга облека.

Работата на малата  клима се прилагодува со употреба на мобилна апликација Android или iOS, благодарение на Bluetooth-врската со паметниот телефон.

Оние што имаа можност да го пробаат, велат дека е навистина многу удобно да се носи и дека навистина ја намалува телесната температура.

Покрај ладењето, Reon Pocket исто така може да се загрева, во зависност од времето од годината кога се користи. Сони наведува дека локално ја намалува температурата за 13 степени, пренесува „Телеграф.рс“.

Цената на овој личен преносен климатик е 122 долари, додека специјалната маица чини уште 17 долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.