Акциите на компанијата „Тесла“ доживеаја дополнителен пад на берзите поради тоа што продолжуваат проблемите поврзани со производството во Кина.

Ова поттикна уште еден аналитичар да ја намали 12-месечната целна цена за акциите на овој производител на електрични автомобили.

Со производство од околу 13.000 автомобили неделно и маржи повисоки од просечните, секоја загуба во Шангај сигурно ќе има значително влијание врз маржите и заработката – вели аналитичарот Џајрам Нејтан, кој ја намали својата целна цена на акцијата од 1.150 на 800 долари.

До неодамна, акциите на „Тесла“ важеа за акции со висок раст. Тие се зголемија за повеќе од 50 отсто минатата година, а на 4 април, кога Маск објави дека поседува 9,2 отсто од акциите на „Твитер“, достигнаа цена од 1.145 долари по акција. Оттогаш, акциите се најдоа во слободен пад, за сега да се тргуваат по 620,57 долари.

Откако Маск го откри својот удел во „Твитер“, акциите на „Тесла“ паднаа за 42 отсто во споредба со падот од 13 отсто на индексот СиП 500 и падот од 26 отсто во дискрециониот потрошувачки сектор СиП 500. Акциите на „Тесла“ се седми најлоши резултати во СиП 500.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.