За христијаните ширум светот денеска е Велики петок, денот на Христовото страдање и најтажниот ден во христијанството, кога Исус Христос умрели е распнат на крстот на Голготата.

Велики петок освен Велипеток уште се вика и Распет петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна.

Според старите обичаи за Велики Петок, се станува од кревет пред изгревањето на сонцето. Луѓето на тој ден носеле вода од езерата и со неа се замивале наутро. Се верувало дека со таа вода ќе се истераат сите болести од телото.

Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“.

Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје. На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Во некои делови се верува дека девојките кои на Велики петок ќе украдат цвеќе од црковната порта и го стават под перница во ноќта ќе го сонуваат својот иден сопруг.

Интересно е верувањето особено за оние кои страдаат од мигрена, дека треба да ја измијат косата на Велики петок и во текот на целата идна година нема да имаа главобилки, под услов никогаш да не ја мијат косата во петок.

На малите девојчиња им се врзува косата под врба, за побрзо да им расте.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.