Поради продор на студена воздушна маса од север, утре попладне и в четврток ќе има локални врнежи кои речиси насекаде ќе бидат од снег. Позастапени ќе бидат во западните делови, каде што освен на повисоките места, тенка снежна покривка некаде ќе се создаде и на пониски места.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во вонредна прогноза соопшти дека врнежите ќе завршуваат во ноќта кон петок, од кога ќе следува период со значително ниски температури.

Во петок и за време на викендот ќе биде суво и многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата. Најстудено ќе биде наутро за време на викендот кога температурата во Малешевијата и во Пелагонија ќе се спушти и до -12 Целзиусови степени. Студено ќе биде и на почетокот на следната недела, а потоа температурите ќе бидат малку повисоки – информираат од УХМР.

Во следниве денови ќе дува умерен до повремено засилен ветер од северен правец, поизразен утре и потоа во петок и сабота. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.