По штрајкот на просветните работници, кој Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) го започна во понеделникот, од УНИЦЕФ повикуваат сите вклучени страни брзо да најдат заедничко решение кое ќе ги стави децата на прво место и нема да доведе до допполнителен прекин на наставата во училиштата.

Според претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани, решението треба да биде во духот на тековните реформи во образованието и треба да предвиди пошироки структурни промени кои ќе овозможат остварување на правото на децата за пристап до квалитетно и инклузивно образование.

Македонија веќе подолго време се соочува со криза во образованието, при што повеќе од половина од сите ученици на петнаесетгодишна возраст во земјата не го достигнуваат основното ниво на знаење по читање, математика и природни науки. Покрај тоа што училиштата беа затворени за настава со физичко присуство 54 недели поради пандемијата, оваа година децата пропуштија дополнителни две недели од образовниот процес поради одложениот почеток на училишната година. Овие прекини придонесоа образовната криза дополнително да се продлабочи. Сега, повеќе од кога било, треба да ја забрзаме реформата во образованието и притоа мора да го имаме предвид најдобриот интерес на децата, така што секое дете ќе добие поддршка за да го надомести пропуштеното знаење. Овие загуби не само што имаат тековно негативно влијание врз децата, туку ќе влијаат и врз нивниот живот во иднина и идниот економски развој, вели Ди Џовани.

Таа додава дека дијалогот за важната улога на наставниците треба да е континуиран и да се се води во поширок контекст на реформата во образованието, со цел да се обезбеди соодветно распоредување и искористување на човечките, финансиските и другите ресурси за да се обезбеди квалитетно образование за сите деца, независно од тоа каде живеат.

Денеска е трет ден во кој вработените во градинките и училиштата штрајкуваат за повисоки плати. Од Владата потврдија дека денеска е закажан состанок меѓу претставници од Министерството за образование и наука и СОНК.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.