За православните верници денес е Чист Понеделник, ден кога започнува Велигденскиот пост, најдолг и најстрог. Според обичајот денес темелно се чисти домот, особено садовите и приборот за храна. На овој ден се чисти куќата, децата и возрасните се бањаат, шишаат и бричат. Особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

Денеска верниците го започнуваат и постот. Ова не значи само откажување од мрсна и обилна храна туку и контрола на страстите, откажување од пијанства, веселби и радости. Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана се повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната од животинско потекло.

Најстрог и најдолг е Велигденскиот (или Великиот пост, како што го вика народот) кој трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (четириесетница), од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена.

За време на велигденските пости покрај вообичаените конзумирања храна од растително потекло, житарици, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.

Во текот на седумнеделниот период на Велигденскиот пост има повеќе празници. Во првата недела од великите пости, од понеделникот до средата се деновите наречени тримери кога не се конзумира никаква храна ниту течност. Одредени продукти од храна се подготвуваат за денот по завршувањето на тримерите, што е третиот ден од почетокот на великиот пост.

Во средата, кај оној што ги „држел” тримерите и каде што имало млада невеста, доаѓале гости. Домаќинката за таа прилика има подготвено варена пченица со конопни зрна, ошав – компот од црни сливи и друго сушено овошје (јаболко, суво грозје, диви сливи), кравајче од пченично брашно замесено со пепелница, украсено со бонбони. Се месело, исто така, и пита-зелник, со зеље, одозгора посолено со сусам додека на дното од тепсијата се ставале сецкани ореви. Задолжително за таа прилика како пијалок се носело и боза. Гостите што доаѓаат на посета исто така носеле боза, кравајче и пченица. Во оваа прилика се купувало и сезонско овошје, особено портокали.

Првата сабота после прочка е празникот Тодорова сабота – Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, а во неделата се Цветници. Празникот Благовештение кој секогаш е на 7 април.

За празниците Благовец и Цветници дозволена била употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло, или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и суви црни сливи, била скоро задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.