Дупка со длабочина од пет до шест метри се отворила на улицата „Ѓуро Пуцар“ во Куманово поточно месноста викана Багрем бања. Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, кај нив вработен во СВР Куманово кој живеел на посочената локација пријавил дека се отворила дупка со пречник од околу половина метар, а длабока 5 до 6 метри и дека неговата, но и уште една куќа се во голема опасност од евентуално ширење на отворот.

Жителите од овие две куќи побарале помош од надлежните служби за спречување и отстранување на евентуалната опасност.

Од страна на надлежните лица на Општинскиот штаб заедно со Раководителот на РЦУК Куманово е излезено на самото место на настанот и е констатирано дека се работи за подземни скривници најверојатно од бивша ЈНА со два непознати крака кои водат кон железничката пруга во населба Перо Чичо. На самото место направени се мерења и сликање на отворот и е констатирано ЈП „Водовод“ да постави бариери – прегради со забрана на движење во тој потег бидејки земјиштето има интенции за поголеми одронување во пречник од околу 4 до 5 метри, информираат од Општина Куманово.

Во понеделник ќе се одржи и вонредна седница на Општинскиот кризен штаб на која ќе се преземат конкретни мерки за понатамошната активност за спречување и отстранување на опасноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.