Невремето од силен ветер, дожд и град што пред 20-тина дена го зафати Преспанскиот регион предизвикало 80 до 100 проценти штета кај земјоделските култури и овошните насади, покажуваат првите проценки на Општинската Комисија за штета формирана непосредно по невремето.

Според првичните проценки, како што информира за МИА, градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски зафатени се 420 хектари површина во реонот на Долна Преспа, на потегот кон граничниот премин „Маркова нога“.

Комисијата, појасни, направила проценка за штетата во основното училиште „Димитар Влахов“ во селото Љубојно, како и на подрачните училишта во Крани, Наколец и Штрбово, со цел до 1 септември да бидат оспособени за почеток на школската година.

Првично направивме проценка на штетата на училиштата и побаравме од Владата средства за нивно оспособување за почетокот на учебната година. За санација на штетата во основното училиште во Љубојно и подрачните во Крани, Наколец и Штрбово потребни се околу еден милион денари – истакна Гошаревски.

Допрва, нагласи градоначалникот, ќе се прави детална анализа врз уништените јаболкови насади, бидејќи стеблата претрпеле повеќе годишна штета.

Пријавувањето за штетите предизвикани од невремето што ја зафати Долна Преспа на 10 јули е во тек и ќе трае до 5 август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.