Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје Драган Илиевски денеска изврши увид во работните активности на булевар „8 Септември“, каде почна изведбата на новата водоводна мрежа, инвестиција на претпријатието и на Град Скопје.

Изведувач на градежните работи се екипи на Град Скопје, а изведувач на монтажните работи е ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за што е предвидена употреба на дуктилно лиено железни цевки, со профил 200 милиметри и со вкупна должина од 151 метар.

– Реализацијата на овој проект е предвидена во рамки на активностите на Град Скопје за изградба, реконструкција и одржување на кружниот тек меѓу улица „Скупи“ и булевар „8 Септември“, како и сообраќајно решение за поврзување на булевар „Никола Карев“ со булевар „8 Септември“. Со цел комплетирање на сите елементи, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и Град Скопје, покрај веќе предвидената изградба на фекална и атмосферска канализација, пристапија кон подготовка и реализација на проект за нова водоводна линија, која ќе се поврзе на веќе постоечката мрежа со дијаметар на цевка 400 милиметри, посочи Илиевски.

Тој информира дека проектно-техничката документација за предметната водоводна мрежа е изработена во согласност со урбанистичкиот план и има за цел обезбедување услови за водоснабдување на постоечките и новопредвидените објекти од локалитетот кај Хубо Маркет во Злокуќани, општина Карпош.

– Со реализацијата на предвидената магистрална водоводна мрежа ќе се создадат услови за приклучување на објектите долж делницата од булеварот и поврзување на идна секундарна водоводна мрежа предвидена со ДУП улица покрај Вардар. Исто така ќе се создадат услови за идно реализирање на циркулационен прстен на водоводна мрежа, со што ќе се создадат услови за квалитетно водоснабдување на корисниците од овој локалитет, се вели во соопштението од „Водовод и канализација“ – Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.