Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) повикувајќи се на прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, упати предупредување до земјоделците за можни обилни врнежи во наредниот неколкудневен период. Се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив.

Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, новите врнежи од дожд прогнозирани за викендот и почетокот на наредната седмица ќе започнат да предизвикуваат проблеми со пролетната сеидба, расадувањето на тутунот и останатите работи на отворено, поради големата влажност особено во површинскиот слој. Ваквите временски услови и понатаму не се поволни за пчеларството, заради интензивниот пролетен развој каде потребите од чести излетувања и носењето храна се многу големи, а ветровитото и врнежливо време тоа не им го дозволува, се вели во соопштението од МЗШВ.

Прогнозите на УХМР предвидуваат дека под влијание на серија влажни бранови утре попладне и во наредните денови времето ќе биде претежно облачно и нестабилно, на повеќе места со обилни врнежи од дожд од над 50 литри на квадратен метар, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 литри на квадрат за целиот период. Локално, процесите ќе бидат во форма на невреме со грмежи, засилен ветер и појава на град.

Променливото време со повремени врнежи од дожд и пониски дневни температури на воздухот, додаваат оттаму, ги одржува земјоделските култури во активна состојба, со доволно влага во почвата, но и со услови за појава на плевел, болести и штетници поради големата релативна влажност во воздухот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.