Голема и важна брана во окупираниот дел на јужна Украина се урна, предизвикувајќи поплави низводно. Кој има корист од тој чин?

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната, потсетувајќи на минатогодишните нерешени експлозии на гасоводот Северен поток. Во двата случаи, сомнежите на Западот веднаш паднаа врз Русија. Но, двапати Москва одговори со: „Не сме ние. Зошто би го направиле тоа? Ова ни штети на нас“.

Како уништувањето на браната ѝ штети на Русија?

Во случајот со уривањето на браната Каховка, Русија може да укаже на најмалку два начина според кои тоа и штети на нејзините интереси. Поплавите низводно ја принудија да ги евакуира војниците, како и цивилите на исток, подалеку од Херсон и широките брегови на реката Днепар. Ова ќе овозможи одредено ограничено олеснување за жителите на Херсон кои мораа да живеат со секојдневните руски артилериски и ракетни напади.

Второ, ова може да влијае на снабдувањето со вода на окупираниот Крим, сув полуостров кој се потпира на свежа вода од каналите во близина на урнатата брана. Откако Крим во 2014 година на реферндум се припои кон Русија, полуостровот стана силно утврдена територија што и Русија и Украина ја нарекуваат своја.

Како уништувањето на браната ѝ штети на Украина?

Сепак, уривањето на браната во Каховка треба да се гледа во поширок контекст на војната во Украина и конкретно во светлината на украинската летна контраофанзива, која очигледно веќе почна.

За да успее оваа контраофанзива, таа мора да стави крај на руската контрола врз голем дел од територијата што руските сили ја зазедоа минатата година и го поврзаа Крим со источниот украински регион Донбас. Ако Украина може да најде начин да ги пробие руските одбранбени линии јужно од Запорожје и да ја раздели таа територија, може да го изолира Крим и да постигне голема стратешка победа.

Но, Русите научија многу лекции од почетокот на војната во февруари минатата година. Тие ја погледнаа мапата, сфатија каде Украина најверојатно ќе нападне и ги поминаа последните месеци градејќи некои навистина застрашувачки утврдувања за да го блокираат секое напредување на Украина кон Азовското Море.

Воопшто не е сигурно дека Украина планирала да испрати свои сили кон западната страна на таа одбрана. Воената команда во Киев разумно ги крие своите карти за да ја држи Русија во неизвесност.

Проблем за украинската контраофанзива

Но, уништувањето на браната, кој и да го извршил, сега ја прави таа опција многу попроблематична.

Днепар веќе беше широка река до моментот кога ќе влезе во јужна Украина, а преминувањето на оклопна бригада преку неа, под руска артилерија и напади со ракети би било крајно опасно.

Со уништената брана и поплавени огромни површини земја низводно, областа на левиот (источен) брег спроти градот Херсон стана практично недостапна за украинските оклопни транспортери.

Русите веќе направиле нешто слично во историјата

Треба да се напомене дека Русите направиле нешто слично во историјата на истата река. Имено, во 1941 година, советските трупи разнесоа брана преку реката Днепар за да го блокираат напредувањето на нацистичките трупи. Илјадници советски граѓани, наводно, загинале во поплавите.

Но, сега е клучно дека оној што ќе ја пробие браната Каховка, ќе ја наруши стратешката шаховска табла во јужна Украина, принудувајќи ги двете страни да направат серија големи приспособувања и веројатно одложувајќи го следниот потег на Украина во нејзиниот долго ветуван контранапад.

Извор: Би-Би-Си

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.