Цел рид од карпи се сруши на патниот правец Кочани – Македонска Каменица – Делчево во близина на село Истибања, кај местото „Саваро“ со што целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица Делчево. Според информациите од вработени во „Македонија пат“ подружница Кочани, теренот е незбезбеден, камења се рушат на секои 5 минути и затоа возилата се пренасочуваат преку алтернативни сообраќајници.
 
-Свлечиштето започнало да се руши околу 11 часот. Во тоа време имало само една цистерна која поминувала по патот, но кога видела дека паѓаат огромни камења возачот го запрел возилото. За среќа нема повредени. Од безбедносни причини патот е затворен за сообраќај, информираат од подружницата на „Македонија пат“ во Кочани.
 
На терен се наоѓа и државниот инспектор за сообраќај и патишта кој врши увид на местото на настанот и со дополнителни информации ќе излезе во текот на денот.
 
Од „Македонија пат“ најавуваат дека в наредните два-три дена патниот правец Кочани – Македонска Каменица – Делчево ќе биде затворен за сообраќај, бидејки ќе биде потребно минирање на останатиот дел од свлечиштето, а дополнително ќе следи и расчистување на теренот. Сообраќајот од Делчево и Македонска Каменица кон Скопје во наредните денови ќе се одвива преку алтернативниот патен правец преку селото Бигла.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.