Голем дефект на 110-киловатна станица утрово ги остави жителите на Карпош, Ѓорче Петров и Сарај без електрична енергија. Од ЕВН посочија дека нивни екипи веќе излегле на терен за да го санираат дефектот.

Поради прекинот на струјата во овој дел од градот, настана хаос и во сообраќајот бидејќи не работеше сообраќајната сигнализација.

Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) утринава информираа дека ќе има прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови во Карпош од 9 до 11 часот, кога струја ќе немаат корисниците од булевар „Партизански одреди“ зграда број 165, а од 9 до 14 часот корисниците од дел од улица „Дамаска“.

Граѓаните од оваа општина информираа дека без струја останале речиси сите улици во Карпош, а не само наведените од РЦУК.

Саниран е дефектот поради кој регионите на Карпош, Капиштец, Влае, Ѓорче Петров, Матка, Кондово и Сарај утрово се соочија со прекин во снабдувањето со електрична енергија, соопшти ЕВН.

Прекинот се случи како последица од испад на 100-киловолтен далекувод од трафостаницата „Скопје 3“ до трафостаницата „Запад“. Екипите на Електродистрибуција за брзо време го санираа дефектот и корисниците веќе имаат нормално и стабилно снабдување со струја, информираат од ЕВН.

Претходно од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје информираа дека водоснабдувањето во високите зони во Скопје е со намален притисок поради дефект во мрежата на ЕВН.

Без струја се пумпите во селата Рашче и Кондово и бунарите во Лепенец и Нерези поради дефект на ЕВН АД Скопје. Поради овој прекин во снабдувањето со електрична енергија во некои делови од градот водоснабдувањето ќе биде со намален притисок, соопшти ЈП „Водовод и канализација“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.