Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 август. Денеска е Св. маченик Андреј Стратилат.

Свети Андреј се роди во Сирија, а тука и му служеше на римскиот цар како офицер. Подоцна беше унапреден во војвода, кога Персијанците го нападнаа Рим. Против нив беше испратен истиов Андреј, таен христијанин, кој претходно ги научи своите војници во битката да се надеваат и да му се молат на Христа. Од битката војводата Андреј се врати победоносно во Антиохија. Тука, пак, некој завидливец го поткажа дека е христијанин, па беше затворен. Управникот на градот се најде во недоумица што да прави со него и побара совет од царот Максимијан. Царот го знаеше угледот на војводата, па го посоветува управникот да го пушти светиот, а да бара друга прилика да го убие. Андреј излезе од затворот и кога дозна за ова ги собра своите 2.500 војници, замина во Тарс во Киликија и тука сите се крстија. Наскоро беа принудени да го напуштат Тарс и, бегајќи од римската потера, се настанија на ерменската планина Таврос. А оваа планина ја прими нивната крв. Имено, римската потера ги најде и сите ги погуби, иако овие не дадоа никаков отпор.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Егидиј. Живеел во Прованца. Во 680 година со помош на западноготскиот крал Вамбе изградил манастир. Откако умрел свети Егидиј бил закопан на патот кој водел кон Компостело во Шпанија. Аxиите на свети Јаков со голема побожност се молеле на гробот на свети Егидиј. Луѓето го повикувале свети Егидиј како помош против стравот и душевните болести. Во Франција во чест на свети Егидиј се изградени повеќе цркви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.