Според мерењата и набљудувањата на среднодневните температури и врнежи во метеоролошките станици на Република Македонија, месец декември 2022 година, се карактеризира како екстремно топол и просечно врнежлив месец, соопшти УХМР.

Средномесечната температура се движеше од 3,8°С во Маврово до 7,8°С во Гевгелија. Споредено со просечните декемвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), декемвриска температура беше 3,4°С повисока од просечната на ниво на држава.

Средната максимална температура варираше од 8,5°С во Маврово до 12,6°С во Гевгелија. Највисоката максимална температура е измерена на 17-ти декември во Битола и изнесуваше 22°С.

Невообичаено високи температури и есенски топлотен бран е забележан од 7 до 12 декември. Во Охрид и К.Паланка беше надминат нивниот апсолутен температурен максимум за декември.

На ниво на држава, апсолутен максимум од 23,6°С во декември е измерен во 1955 година во Д.Капија.

Средната минимална температура варираше од -0,6°С во Берово до 4,2°С во Гевгелија. Најниската минимална температура во текот на месецот е измерена во Берово, на 22-ри декември и изнесуваше -7,5°С. Најниските минимални температури на сите метеоролошки станици беа над 10 степени над апсолутните минимални температури.

Во декември 2022, месечната сума на врнежи во државата варираше од 27,4мм во Штип до 154мм во Маврово. Врнежите беа претежно од дожд. Максимално дневно количество на врнежи од 53,3мм беше измерено во Д.Капија на 1-ви декември.

Споредено со декемвриската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020) која изнесува 64мм, измерената месечна сума на врнежи беше просечна на ниво на држава, информираат од УХМР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.