Семејството Мемедови од Делчево бара помош за своето едномесечно бебе, кое страда од хидро-нефроза. Мајката Сабина Мемедова вели дека бебето има проширување на чашката на бубрезите, поради што десниот бубрег му функционира со оштетување од втор степен. Ова семејство пред една година се вратило од Германија и привремено е сместено во прифатилиштето во Делчево. Самиот факт што се сместени во просторија од четири квадратни метри ја усложнува и онака тешката здравствената состојба на бебето.

Бебето ми е болно од хидронефроза значи проширување на чашките на бубрезите во кое што десниот бубрег му е со втор степен оштетување така што ме праќаат во Скопје сега на контрола кај професор Васиќ, кај детска клиника за да видат дали ќе треба операција или ќе може да живее со тој бубрег, така што не знам што друго да кажам, вели Мемедова.

Заедно со нејзиниот сопруг, бебето Џејхан и постарата 18 – месечна сестричка Џејлан, Мемедови се сместени во делот од прифатилиштето кое порано било купатило за останатите семејства. За да добијат на простор, тие скршиле дел од чешмите и сега живеат во четири квадрати и спијат на кревет со федери без душек.

Пред една година, кога се вративме од Германија немавме каде да живееме, немавме ни куќа ни ништо, бевме кај градоначалникот, кој не смести во овој објект, кој ни рече дека има семејства кои треба да излезат од објектот, бидејќи имаат свои куќи. Цела година сме тука, на сите соседи што се во прифатилиштето, оваа просторија им беше купатило, беше преградена просторијата целата со чешми. Бидејќи е државна сопственост не смеевме да кршиме на наша глава, но не можевме внатре ниту еден кревет да сместиме и моравме да ги скршиме чешмите, за да ни се отвори поголем простор, додаде Мемедова.

Додава дека повремено живеат без струја и вода. На почетокот позајмувале струја од соседите, а во моментот поради старата инсталација имаат струја колку една сијалица да може да свети навечер.

Многу е тешко и без струја и без вода, сами ја приклучивме, струја немаме, шест месеци бевме без струја, земавме на почетокот од комшиите, но не се согласувавме потоа, по што ја исклучија. Сега после шест месеци земаме од друга сосетка, но бидејќи е стара инсталацијата, имаме струја колку за една сијалица, додаде мајката Сабина.

Таа револтирана ги обвини политичарите што цели 30 години не се погрижиле во прифатилиштето да обезбедат соодветни услови за живот.

Кога им требаат гласови сите се кај нас, после тоа кога ќе седнат на столчето кога одиме таму да бараме помош, никој ништо не ни помага, без разлика дали е СДСМ, ВМРО или ДУИ, никој ништо не ни помага. Мислам дека тоа е нешто многу погрешно. Најстарата сосетка живее овде 30 години, ниту еден градоначалник не му текнало да го реновира овој објект, луѓето нема каде во тоалет да одат, еве и ние немаме купатило. Ова каде ние живееме на луѓето им беше купатило, вели Мемедова.

Додека како семејство соберат она што ќе им биде потребно како помош како што посочи мајката Сабина е храна и средства за хигиена.

Било каква помош ни е потребна, дали ќе биде со храна со облека со што и да било, само да ни се помогне малку да собереме сила. Средства за лекување се уште не ни се потребни, бидејќи треба да одам да извадам книшка дека детето е родено во Скопје да му се извади извод, да му се извади здравствена книшка, да го однесам кај педијатар кај доктор Виолета таа да го прегледа, па според тоа да видиме што да преземеме понатаму, додаде Мемедова.

Од Центарот за социјална помош информираа дека семејството Мемедови се корисници на гарантирана минимална помош и во неколку наврати им е доделена еднократна парична помош.

Откако дојде од Германија ова семејство, по раѓањето на бебето, бидејќи немаа никакви документи им овозможивме еднократна помош во натура, тука се работи за средства за вештачко млеко и други потреби што беше обезбедено. Бидејки им следуваше им беше понудено еднократна помош од 20 илјади, по вадењето на изводот овие средства ќе ги добијат. Ова барање се должни да го достават до Општина Делчево, истакнаа од подрачниот Центар за социјални работи.

Согласно со условите и можностите на Општина Делчево, на семејството Мемедови им е овозможено привремено решение за сместување во општинското прифатилиште. Со други простории за таа намена, Општина Делчево не располага. Воедно, семејството има основа да аплицира за еднократна парична помош за новороденче, како и за социјалната мерка-еднократна парична помош за лекување, истакнаа од Општината.

Оттаму додадоа дека во текот на неделава за ова семејство ќе бидат обезбедени и социјални прехранбени пакети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.