Ирена Николовска Ристановска, психолог во основното училиште с. Жван – Демир Хисар и претседател на здружението на психолози „Рилука“, Битола, како и сопруга и мајка на осумгодишниот Лука и четиригодишната Јована, за порталот „Мајка и дете“ раскажува низ каква голгота поминува нејзиното семејство поради заканите и навредите од нивните соседи.

Поради потребите на Лука кој има аутизам, а во состојба на самоизолација и забрана за движење во Битола, тие цел месец престојувале во прилепското село Ерековци кај родителите на Ирена. Но само што се вратиле во својот дом во Битола, почнала тортурата на нивните соседи кои живеат на спрат подолу во истата зграда, проблем со кој ова семејство живее речиси година ипол.

Ова е една од нашите многубројни борби, која долго ја водиме, а јас сум веќе немоќна и уморна, не сум во можност да го чекам резултатот кој не знам дали воошто ќе дојде. Пред два дена, после месец дена се вративме во Битола. Децата беа среќни затоа што сме повторно во својот дом и веднаш се адаптираа. Но, следниот ден наминаа кај нас моите родители кои имале обврска во Битола и ќе си одеа на село. Лука се смееше со татко ми, среќен затоа што е повторно заедно со дедо, кога одеднаш некој почна силно да тропа на врата, толку силно што цела врата се тресеше… Веднаш знаев, ним им пречи и смеата на Лука…Немавме можност да отвориме врата бидеќи децата не сакаа да се поместат од пред вратата, само почнаа хаотично и преплашено да трчаат низ дневна. Веднаш повикав полиција. Првпат откако трае оваа голгота, соседите излегоа да разговараат со полицијата.

 

Им кажаа дека цела недела немаат мир од нас, дека од нас цела зграда се тресе. А замислете, ние само пред два дена стигнавме во Битола после цел месец отсуство.

 

Тоа што им го кажуваа беше страшно да се слуша… Дека е Лука ментално дете и дека не треба да е тука… Дека нивната 90- годишна мајка не може да живее од нас… И на крајот, истото што постојано ни го велат и нас, на секое поминување и разминување во или пред зградата – дека треба да се иселиме затоа што сме се вселиле после нив. Институциите молчат, креваат раменици и упорно си ја префрлуваат топката меѓусебе – од социјалното велат дека е тоа работа на полицијата, оттаму не упатуваат во социјалното и единствено умеат да не посоветуваат: Продадете го станот ако можете!

 

И тоа се влече вака – година и четири месеци!

Целата приказна на „Мајка и дете

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.