Од овој месец децата со попреченост во Македонија ќе се едуцираат преку лего коцки. Програмата „Млади инженери Скопје“ (Young Engineers), Филозофскиот факултет преку Институтот за специјална едукација и рехабилитација и Здружението „Во мојот свет” потпишаа Меморандум за соработка, со кој трите страни се согласуваат дека програмата која вклучува лего коцки ќе може да едуцира и да се применува кај деца со попреченост.

Според доц. д-р Наташа Станојковска -Трајковска од Институт за специјална едукација и рехабилитација од Филозофски Факултет, оваа програма за деца со попреченост, а особено кај деца со аутистичен спектар на нарушување, може да биде корисна и во функција на подобрување на третманот.

Програмата е одлична можност за интеракција со другите, децата учат за време на игра и низ забава, вели Станојковска – Трајковска

Лего коцките ги препознаваме како убава алатка во усвојување на социјални вештини градење и решавање проблеми. Специјален едукатор и рехабилитор од тимот ја помина обуката и ја спроведе едукацијата на децата опфатени со третман во центарот. Програмата е одлична можност за интеракција со другите, децата учат за време на игра и низ забава. Задачи кои ги поставуваме пред нас во текот на работата со деца со намалено внимание и аутистичен спектар на нарушувања се: поттикнување на комуникација, концентрација, логичко размислување, развој на фината мотрика, упорност, истрајност, независност, одговорност, стекнување со стратегија како децата сами да дојдат до целта, разбирање на процесите, способност за заедничка работа со врсниците, способност за вклучување во игра со правила, емоционална контрола и вештина за снаоѓање во различни ситуации, вели Станојковска -Трајковска.

Последната фаза од програмата предвидува соработка, што е многу важна вештина кај децата со аутистичен спектар на нарушувања. Соработката во текот на работата со лего коцки, децата подоцна ја пресликуваат и во реална средина (на детско игралиште, на училиште). Децата најдобро учат низ игра.

Кај половина од децата има значително подобрување во вербалната или невербалната комуникација. Во делот на тестирањето била вклучена и проф. д-р Софија Георгиевска, психолог од Институт за социјална работа и политика.

Центарот „Во мојот свет“ претходно спровел пилот програма во која биле вклучени 11 деца на возраст од 4,5 до 7 години.

Подобри резултати биле постигнати кај децата на возраст од над 6 години, а кај групата помали деца програмата делувала стимулативно, велат од Центарот.

„Млади инженери Скопје“ е застапник на официјалните програми за интердисциплинарно изучување на наука, технологија, инженерство и математика со лего коцки во нашата земја и прва лиценца на Балканот од 2017.

Многу ни е важно да понудиме еднаква можност за сите деца да бидат дел од оваа стимулирачка програма во нивниот развој. Програмите се инклузивни, вели Сашка Теодосиевски, основач и директор на „Млади инженери Скопје“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.