Живееме во општество каде што срамота е да се сподели дека некој има проблем со некоја психолошка состојба. Депресијата дефинитивно е во пораст последните неколку години, а тоа не се случува само кај нас, туку и во светски рамки. Сепак, се уште, за многумина таа е нешто што е непознато и нејасно. Психоедукацијата е повеќе од потребна, а треба да биде достапна за сите, смета Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник.

Стојменовиќ е практикант на игровна терапија за деца и основач на Мој психолог. Еднаш месечно го организира настанот Психолошки муабет, на кој се отвора и разработува различна тема од областа на менталното здравје. Тоа е единствен настан кај нас од таков вид и секој пат собира сè повеќе посетители.

Сакам да верувам дека правам мала промена, која еден ден ќе биде значајна, вели психологот Стојменовиќ.

Изминатите денови често во јавноста се спомнуваше депресијата како причина за одземање на нечиј живот, без да се знаат точните информации. За жал, коментарите беа најчесто негативни, а тоа открива дека живееме во општество во кое болестите на душата се стигматизирани. Наместо да се зборува за нив, најчесто се осудува личноста која боледува од дрепресија.

Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник

Во нашето општество не постои стигма само за депресијата, генерално постои стигма околу менталното здравје, неговото значење и важност. Помпезно се наметнува оваа потреба, но во практика многу малку се прави.

Јас лично изминатите неколку дена се изначитав многу коментари во врска до депресијата. Кај нас за жал, секој си зема за право да го сподели своето мислење за оваа состојба, а потоа кружат невистини во кои луѓето веруваат. Животните проблеми, подеми, падови и перипетии одат рака под рака со нешто што се нарекува живот, па така ние не можеме да ги прескокнеме нив и да живееме во некоја вештачка средина. Секој човек на свој и автентичен начин се соочува со нив, а тоа зависи и од неговите личносни капацитети и од животното искуство. Затоа сакам да пренесам една порака: ‘Депресијата не ги напаѓа само слабите, туку и оние силните. Депресијата не бира пол, професија, години, образование. Депресијата не е барање на внимание. Депресијата не те прави помалку човек’, вели Стојменовиќ.

Сè почесто во медиумите, домашните и странските, читаме дека некој познат боледува од депресија и потоа си го одзема животот. Читавме и пишувавме за Ејми Вајнхаус, Антони Бурдаин, Робин Вилијамс, Авичи, Кит Флинт и најмалку педесетина други познати глумци, пејачи, диџеи, модни дизајнери, водители. Прашањето е дали депесијата е епидемија на 21 век и дали се лечи.

За некое лице да посегне по својот живот, депресијата не е секогаш причина, но е најчеста. Во последниве две години барем јас имам впечаток дека значајни личности беа жртви на депресијата. Со овие непријатни вести, свеста за менталното здравје се крева. Некаде алармот ѕвони, дека сето ова постои и не саму таму некаде далеку во некоја прекуокеанска земја, туку постои и кај нас. Депресијата, според мене, станува болест на 21 век. Кај оваа болест е важна стручната помош, односно лекувањето да почне на време. Често луѓето сакаат сами да се изборат игнорирајќи ја потребата од стручен пристап, но кога потоа станува неподносливо да се функционира во секојдневието, се бара стучна помош, вели Стојменовиќ.

Лекувањето е индивидуално и зависи од состојбата и од лицето кое што има депресија. Сепак, важно е да се почне на време, а психијатрискиот и психотерапевтскиот пристап заедно даваат најдобри резултати.

Често на клиентите им правам споредба. Кога не боли заб, сакаме да одиме што поскоро на заболекар за да го поправиме забот инаку забот ќе скапе. Кога не боли душата што правиме ? Колку време треба да чекаме? Уште колку време ќе дозволиме да боли пред да побараме стручна помош?

Науката познава класификација на депресијата, но тоа го прави стручно лице, психијатар кој треба да ја постави дијагнозата и според неа да препише терапија. Честа форма за која што малку се зборува е постпородилната депресија. Болните треба да побараат помош од стручни лица.

Освен помошта од стручните лица која што во овој случај е најважна, важно е да се искористат и останатите ресурси кои што лицето ги има на располагање. Тоа се семејството, блиските пријатели, средината во која што живее. Често велам, најголема помош е кога блиските ќе станат партнер во лекувањето, бидејќи лицето кое што страда од депресија помалку се чувствува осудувано и неразбрано. За да го спречиме фаталниот исход треба да имаме систем кој ќе функционира и ќе овозможува заштита пред се превентивна. Потоа, психоедукација за менталното здравје на национално ниво. И на крај функционален систем за подршка.
Сето ова убаво звучи вака на хартија, но за жал далеку сме од тоа да почне да функционира, заклучува Стојменовиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.