Секоја зима речиси третина од жителите на северот на Европа, каде што зимските денови се особено кратки, страдаат од зимска нерасположеност. Стручно тоа не се вика „зимска депресија“, туку „сезонско афективно нарушување“ (SAD – Seasonal Affective Disorder). Иако овој термин можеби имплицира дека се јавува секоја сезона, сепак се работи за депресија која се јавува наесен или на почетокот од зимата и вообичаено трае околу три месеци. Со појавата на првите зраци на пролетното сонце нарушувањето се повлекува.

Симптомите на зимската депресија се слични со „обичната“ безволност, немирот, раздразливоста, необјаснивото чувство на тага, недостигот на сила да се почне нешто, па сè до занемарувањето на надворешниот изглед и социјалните контакти. Но, додека кај класичната форма на депресија типични се и намалениот апетит и несоницата, кај „зимската“ е обратно: постојано чувство на глад и изразена желба за слатки оброци.

Иако многумина сметаат дека е предизвикана од ниските температури, всушност, вистинската причина е недостигот на светлина, поточно на сончева светлина. Таа во нашиот мозок го активира процесот кој наредува редукција на мелатонинот – „хормонот на сонот“ за сметка на зголемена продукција на серотонинот – кој е типичен за активен, буден организам. Кога нема доволно сонце, тогаш и во текот на денот може да се случи во телото да се продуцира зголемено количество на мелатонин, а ниско ниво на серотонин.

Навистина, околу 80% од зимските депресии се утврдени кај жените, по правило кај младите жени. Научниците сè уште ги претпоставуваат причините за тоа, а еволуциските биолози тврдат дека се работи за остаток од прастарите времиња кога жените поседувале природни реакции кон зимските услови, особено во текот на бременоста. Масните наслојки и долгиот сон биле добар начин да се преживее зимата, но во денешно време никој не може да си дозволи толку долг инертен период.

Второто толкување за овој феномен повторно е на хормонско ниво: одредени видови естроген кои се појавуваат во пубертетот кај девојчињата го сопираат создавањето на „дневниот хормон“ – серотонинот, така што ним им треба особено многу сончева светлина за да го надоместат потребното ниво.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.