Зошто си даваме право да осудуваме? Прашање што периодов повеќепати ми помина низ глава. Најверојатно причината за тоа е актуелната ситуација, која прави нашето однесување да оди во крајности. Еден ден сме храбри, одбиваме да им робуваме на маските и сигурни сме дека нема да се разболиме. Но веднаш штом чуеме дека некој од нашата средина излегол позитивен, настапува параноја. Се сомневаме во секого и сите се потенцијални носители на ковид-19.

И тогаш, ги вклучуваме осудите на најјако! Следуваат коментари од типот „Па, добро, таа цело време излегуваше со разни друштва, воопшто не внимаваше“ или „Тој цело време одеше да вежба во сала, сигурно од таму го ‘закачил’“; потоа претпоставки како „Сигурно ми го пренесе колешката, таа кивна еднаш во мојата близина“; но и обвинувачки прашања: „Па зошто си излегувал/а од дома ако си почувствувал/а главоболка?“, „Мораше ли по автобуси да се пикаш?“ и така натаму.

„Од кога знаеш дека си позитивен?“
Не е ни чудо што на луѓето им е многу тешко да им соопштат на сите нивни контакти дека добиле позитивен тест. Знаат дека веднаш ќе бидат стигматизирани, обвинети дека не внимавале доволно, дека криеле симптоми. Знаат дека првото прашање што ќе го добијат ќе биде „од кога знаеш дека си позитивен“, наместо „како си“.

Кога сопственото здравје е загрозено, емпатијата исчезнува за миг. Како да не е доволно тоа што се соочуваат со вирус, заболените треба да се грижат и за тоа колку строго ќе бидат осудени од околината. Ако станува збор за човек што се мешал меѓу луѓе и често излегувал, се заклучува дека сосема е разбирливо да се зарази и тогаш осудата е најголема. Ако се работи, пак, за некој што не излегува од дома и воопшто не ја вади маската, заклучуваме дека колку и да се внимава, никој не може да биде 100 отсто заштитен, па во овој случај и емпатијата е за нијанса поприсутна.

Но не се само заболените предмет на осуда. Се поделивме на луѓе што се против мерките и на луѓе што ги почитуваат. Првите сметаат дека мерките се претерани и дека сите што ги прифаќаат без збор се робови на системот. Тие не носат маски, не ја почитуваат физичката дистанца, па дури и ги исмејуваат оние што го прават тоа. Се чувствуваат навредено ако некој не сака да се поздрави со нив со прегратка. „Немам корона, не се плаши“, ќе кажат, ноншалантно ќе ја извадат маската и ќе се приближат. Вторите, пак, искрено се исплашени за своето и за здравјето на блиските, па се обидуваат да се заштитат што е можно повеќе. Првите ги осудуваат вторите поради тоа што премногу внимаваат, а вторите ги осудуваат првите поради тоа што се несовесни.

Експерти сме за здравје кога станува збор за некој друг. Наместо главниот фокус да ни биде зајакнувањето на сопствениот имунитет, ние губиме време на разглобување кој од каде се разболел и кој колку е ризичен. Во време кога треба да бидеме сплотени и да се охрабруваме меѓусебно, ние се осудуваме. Први сме да критикуваме, последни сме да покажеме човечност.

И ова ќе помине…
Да го смениме тоа! Нареден пат кога ќе бидете известени дека некој е позитивен, најпрво прашајте го како се чувствува и дали му треба нешто. Ако вие сметате дека не треба постојано да носите маска, покажете разбирање кон оној што е исплашен и почитувајте го неговиот личен простор. Ако ви пречи што некој не носи маска во ваша близина, објаснете му дека не сакате да ризикувате. Тоа не значи дека не му верувате и дека не сакате да се прегрнете, туку дека ќе се чувствувате помирно ако знаете дека сте биле претпазливи.

Каков и да е вашиот став кон целата ситуација и мерките за заштита, почитувајте ги гледиштата што се разликуваат од вашите, бидејќи секој се справува со моменталната реалност на поинаков начин. Никому не му е лесно, па да не си отежнуваме едни на други дополнително. И ова ќе помине, но полесно ќе го пребродиме со здружени сили!

Преземено од Убавина и здравје

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.