Поради компликации од коронавирусот синоќа почина гевгелискиот музичар и пејач Васил Ангов (51), познат по фестивалските хитови „Оди адио“, „Премногу ти верував“, „Кому да го дадам срцето“.

Веста ја потврди неговото семејство, кое поради влошената здравствена состојба го префрлило од Инфективна клиника на лекување во приватна болница во Скопје.

Од Центарот за јавно здравје од Гевгелија велат дека Ангов бил позитивен на ковид-19 пред десетина дена, но поради хронична астма неговата состојба нагло се влошила поради што бил хоспитализиран и бил на респиратор.

Во последните 24 часа, освен Ангов починале уште две лица од Гевгелија од компликации од ковид-19, со што бројката на починати во овој регион е вкупно 5.

Во текот на вчерашниот ден починаа три лица од Гевгелија кои беа на лекување во Скопје. Станува збор за две машки лица на возраст од 50-тина години и една жена која повеќе од две недели беше на Инфективна клиника, вели Димитар Крџев од гевгелиската Општа болница.

Во Гевгелискиот Регион досега има заболено 309 лица од кои 100-тина се за последните 10 дена, активни има 167 случаи од кои 16 се жители на Општина Дојран, а 47 на Општина Богданци.

Зголемениот број на заболени од коронавирусот во Гевгелиско, како што кажаа од Центарот за јавно здравје, е резултат на недисциплината на граѓаните кои со неносење маска и чести групирања овозможуваат широка трансмисија на вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.