Свесни за претстојните, многу сериозни економски последици, а кои стануваат сѐ поочигледни со намалувањето на пандемијата на корона вирусот во бројни земји во светот, ЕГЗИТ (EXIT) покренува меѓународна онлајн конференција насловена „EXIT strategy“.

Конференцијата под слоганот „Излезот од пандемијата го создаваме заедно”, ќе трае повеќе недели за време на кои во неколку панели ќе се здружат некои од водечките светски и регионални актери во областа на туризмот, културата, манифестациите, медиумите и други сфери од јавниот живот. Првиот во оваа серија разговори ќе биде од регионален карактер и го носи насловот „Туризмот на респиратор“. Оваа трибина ќе биде одржана на далечина, а учесниците и публиката ќе се соберат онлајн на 7 мај во 18 часот, во директниот пренос на фејсбук страницата на ЕГЗИТ Фестивал.

На панелот ќе учествуваат: проф. д-р Рената Пинџо – помошничка на министерот, сектор за туризам во Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Република Србија, Дамир Давидовиќ – Државен секретар во Министерството за одржлив развој и туризам во Владата на Црна Гора, Борис Жгомба – претседател на Здружението на туристички агенции при Хрватската стопанска комора (HGK), сопственик на туристичката компанија „Унилајн“ и претседател на Европското здружение на туристички агенции и туроператори (ECTAA), Жарко Радуловиќ – претседател на црногорското туристичко здружение и косопственик на ланецот хотели „Монтенегро старс“ и Душан Ковачевиќ – основач и директор на ЕГЗИТ фестивалот.

Модератор на панелот е Силвија Илишковиќ Балаговиќ, консултант за хотелски и туристички инвестиции, Хотелис д.о.о.

Тие во дискусијата ќе се обидат да одговорат зошто туризмот е најранливата индустриска гранка во пандемиската криза, кои мерки се неопходни за туристичката индустрија што поскоро да се опорави во следниот период, како по кризата туризмот да го заземе местото кое го заслужува во општеството како можеби и најважна економска гранка која има потенцијал да биде двигател на целокупниот економски развој на регионот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.