Американската крајбрежна стража соопшти дека спасила тројца кубански државјани за кои се верува дека биле заглавени 33 дена на ненаселен остров, на Бахамите.

Воздушна патрола на крајбрежната стража во редовна обиколка во понеделникот забележала група луѓе како во паника веат импровизирано знаме на гребенот Ангиља, меѓу архипелагот Флорида Кис и Куба. Војниците не биле опремени за итно спасување, но на бродоломците им била дадена храна, вода и радиоврска за да можат да комуницираат.

За жал, немавме луѓе кои течно би говореле шпански, но со моето слабо познавање на шпански јазик, успеав да разберам дека тие се по потекло од Куба и оти им е потребна лекарска помош, изјави поручникот на крајбрежната стража, Рајли Бичер за Би-би-си.

Спасени се една жена и двајца мажи. Тие тврдат дека допливале до островот откако нивниот брод потонал, и таму минале 33 дена и дека се хранеле со кокоси.

Трите лица со хеликоптер се пренесени во медицински центар на Флорида. Според Управата за имиграција и царина на САД, преживеаните немале посериозни повреди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.