Скијачкиот ресорт Ишгл во австриски Тирол е местото каде илјадници се заразиле со коронавирусот, пишува австрискиот портал „Miss.at“, според кој токму ова место е жариштето на Ковид-19 во Европа.

Како почнало сè?

Според австрискиот портал, постојат сомнежи дека сè започнало од ски-барот, каде што посетителите од различни места на светот се заразиле со коронавирусот. Тоа ја потврдува информацијата од Данска, Шведска и Германија за новите позитивни пациенти на кои на сите им е една работа заедничка – наводно се вратиле од скијање на Ишгл. Откако се вратиле дома, почнале и самите тие да ја шират опасната зараза.

Тоа што е особено вознемирувачки е дека во целата оваа приказна има информација дека локалните власти во Ишгл биле предупредени многу претходно дека нивното подрачје е „зона на опасност“ и дека таму има сомнителни случаи, но и покрај тоа скијачите ги пуштале без никаков проблем или пак некаква контрола, а секојдневно доаѓале нови луѓе кои што не биле предупредувани од можната зараза.

Првото предупредување, веќе на 5 март дошло од Исланд, кога земјата го прогласила ова подрачје за зона на опасност и наложила секој што се враќа оттаму да поминат во 14-дневна изолација. Во тој момент во Австрија имало 55 случаи на заразени од коронавирусот, а направени биле над 4.000 тестирања.

Како што наведуваат од австриските медиуми, првиот официјално заразен случај бил потврден на 6 март токму во Ишгл.

Меѓутоа, и покрај тоа, во ски центарот сè продолжило да се одвива во вообичаен тек, со многубројни скијачи кои секојдневно се собирале по тамошните барови. Во текот на последната седмица од скијачката сезона никој во Ишгл не сакал да се откаже од својата заработка, ниту властите, но ниту рестораните и баровите, па сè продолжило да тече по најнормален ред.

Сите податоци упатуваат на тоа дека првиот пациент заразен од коронавирусот во тамошниот ски центар бил од Норвешка кој работел како келнер. На 9 март се појавиле и нови случаи на заразени луѓе поради што се очекувало тамошните барови да се затворат. Меѓутоа, скијањето и забавата продолжиле и во наредните денови.

Цел Тирол предоцна ставен под карантин

Локалните власти продолжиле со несериозните постапки и ситуацијата продолжила да се одвива како и претходно. Меѓутоа, сега австриските власти апелираат дека сите луѓе кои што биле на скијање во Ишгл од 28-ми февруари, мора задолжително да бидат во самоизолација како и сите оние кои што биле во контакт со нив. Апелот се однесува на сите, без разлика дали имаат симптоми на вирусот или пак не.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.