Најстарата патничка агенција во светот „Томас Кук“ банкротира поради огромни долгови, при што стотици илјади туристи се заглавени во странски држави бидејќи нивните хотели и летови не се платени.

Директорот на компанијата, Петер Фанкхаузер, рече дека жали што бизнисот пропаднал откако не успеале да позајмат средства за спас на работењето.

Британската агенција за цивилно воздухопловство (ЦАА) објави дека ќе работи со владата за да донесе повеќе од 150.000 британски туристи дома во следните две недели.

Би сакал да им се извинам на милиони наши клиенти и илјадници вработени, добавувачи и партнери кои нè поддржуваа многу години – рече Франкхаузер.

Владата и регулаторот за воздухопловство најавија дека ќе има некои пречки бидејќи станува збор за голема криза.

„Томас Кук“ ја замрзна својата работа и сите негови летови се откажани“, наведува ЦАА.

Тоа е една од најстарите британски компании што почна да работи во 1841 година и преживеа две светски војни. „Томас Кук“ беше првата агенција во Европа што понуди туристички аранжмани.

Компанијата сега има хотели, одморалишта и авиолинии што ги користат 19 милиони луѓе годишно во 16 земји. Во странство во моментот се 600.000 луѓе, поради што нивните влади и осигурителни компании треба да изготват план да ги вратат дома.

Најмалку 140.000 Германци се „заробени“ во странство.

„Томас Кук“ се обрати до Високиот суд во Лондон откако преговорите за дополнително финансирање пропаднаа поради огромните долгови од 2,1 милијарди долари.

Компанијата соопшти дека бара 250 милиони американски долари за да се избегне банкрот и беше во разговори со акционерите и доверителите. „Томас Кук“ се соочи со конкуренција преку интернет, променлив пазар и геополитички настани што влијаеја врз летната сезона. Минатогодишниот топлотен удар во Европа, исто така, влијаеше врз бизнисот, при што клиенти ги откажуваа аранжманите.

Туристите сега се заглавени во странски земји затоа што нивните хотели не се платени.

На долг рок, падот на компанијата би можел да ги погоди економиите на Шпанија и Турција, кои се нејзините најголеми дестинации, и да остави добавувачи на гориво непрофитабилни и да предизвика стотици туристички агенти да ги загубат своите работни места во Велика Британија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.