Македонија и понатаму е во портокаловата зона во новата листа со категоризација на земјите за кои е дозволен влез на Кипар објавена од Министерството за здравство. Тоа значи дека за патување на островот, задолжителен е поседување негативен ПЦР тест направен 72 часа пред заминувањето.

Државите членки на ЕУ, како и трети земји, во зависност од епидемиолошката слика се поделени во три категории: зелена, портокалова и црвена, при што за секоја од нив важат посебни правила, а оние кои не се во некоја од овие зони се во сивата категорија.

Македонија, од минатата седмица, од црвената категорија е преместена во втората, портокалова зона.

Во првата (зелена) категорија земји со ниска опасност се 30 држави и за нив не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту карантин по пристигнувањето.

За земјите од втората (портокаловата) категорија задолжителна е потврда за негативен молекуларен тест направен 72 часа пред патувањето и заедно со Македонија, се и Ирска, Холандија, Грција, Луксембург, Белгија, Андора, Азербејџан, САД, Јапонија, Канада, Катар, Кина, Либан, Јужна Кореа, Саудиска Арабија и Србија.

Во третата категорија земји со „зголемена опасност во споредба со другите две категории“, вклучени се 20 држави, задолжителен е негативен тест ПЦР тест 72 часа пред поаѓањето и уште еден по пристигнувањето на Кипар.

Конкретната категоризација на земјите стапува утре во сила.

Во однос на вакцинираните туристи, од Министерството за здравство на Кипар посочуваат дека од 10 мај, ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се оние кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, од Европската економска зона, како и од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада, Кувајт и Кина.

За вакцинираните, исто така, потребно е да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови („Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“) или со „Спутник В“, „Синофарм“ или „Синовак“.

Туристите, како што е веќе пракса од лани, пред да го посетат Кипар, задолжително е 48 часа пред патувањето, да го пополнат CyprusFlightPass, односно онлајн формуларот достапен на https://cyprusflightpass.gov.cy/ .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.