Тест за Ковид-19 направен до 72 часа пред полетувањето за Грција; во авионите од, кон и во Грција нема да има празни седишта меѓу патниците; заминување од земјата без ново тестирање; „хотел карантин“ во секој туристички регион во случај да се појави позитивен случај, се дел од деталите од предлог-протоколите на Министерството за туризам на Грција, кои министерот Харис Теохарис ги претставил, говорејќи на видеоконференциски настан со претставници на подмладокот на Нова демократија.

Сепак, не станува збор за конечната верзија на здравствените протоколи, кои што се изработени во соработка со експертската комисија за заразни болести од Министерството за здравство на Грција, туку се предлози на Министерството за туризам доставени до туристичките организации, федерации и здруженија во Грција, кои можат да дадат нивни коментари, предлози и слично и мерките да претрпат промени, за до крајот на следната седмица да бидат финализирани, а конечниот збор ќе го има грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

Според она што го открил министерот за туризам, за еден странски турист, авионски да пристигне во Грција, ќе треба најдоцна во последните 72 часа пред патувањето да има потврда дека не е заразен со новиот коронавирус, а без негативен тест нема да може да се качи во авион. Додека пак, по завршувањето на одморот, туристите ќе заминуваат без никаква контрола, за да не мора, во случај тестот да е позитивен, да бидат во карантин во Грција.

Во однос на авионскиот превоз, како што објавија медиумите, летовите од, кон и во внатрешноста на Грција ќе бидат со полн капацитет, односно нема да има празни седишта меѓу патниците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.