Кина вчера го регистрира највисокиот дневен ковид-биланс од почетокот на пандемијата, со пријавени над 20.000 новозаразени во 24 часа.

Повеќе од 80 отсто од новите позитивни случаи на ковид-19 се регистрирани во Шангај, најголемиот град во земјата, кој минатата недела беше речиси целосно затворен.

Жителите на комплексот во којшто живее семејството Миленковиќ чекаат во ред за тестирање. Ги тестираат секој ден / (Фото: приватна архива)

Поранешниот кошаркар и тренер на МЗТ Скопје Драган Миленковиќ – Гаго неколку години живее со семејството во Шангај. Последниве три недели ја дели судбината на 25 милиони шангајци, кои поради ригорозните политики на кинеската влада се во целосен карантин.

Некогаш смееме да излеземе на час-два во комплексот каде што живееме, а веќе следниот момент добиваме порака на апликацијата дека треба да носиме маски и дома. Полека станува неиздржливо, не само за нас, туку и за Кинезите, кои се многу дисциплинирани, вели Миленковиќ за „Република“.

Кинезите се доследни и ригорозни. Во комплексот има пункт каде што се врши постојано тестирање на жителите.

Пунктот е пред нашата зграда, кога ќе јават, се симнуваме и чекаме ред за тестирање. За 17 дена, колку што сме во карантин, имаме направено по 11 теста. Брзи тестови, брисови, постојано, вели Миленковиќ.

Деновите ги минуваат пред телевизор, пред телефон, нарачувајќи се и сешто преку интернет за да им мине времето. Во првите денови од карантинот готвеле, но сега штедат храна.

Вистина се видеата што ги гледате на интернет. Кога затвораат, јавуваат неколку часа претходно дека имате час-два да пазарите. Тогаш настанува војна по маркетите. Кинезите се жестоки, а и добро знаат дека владините одлуки овде можат да бидат на сила до недоглед. И навистина е како што излега на видеата. Луѓе се тепаат на каса за масло, за ориз…

Храна се нарачуваше само првата недела и тоа преку Вичет. Оттогаш владата доставува пакети со храна. Добиваме ориз, нудли, масло за јадење, млеко… Храна не се нарачува преку интернет сервисите. И кога можеше да се нарача, цел Шангај нарачува, па занемува зеленчук, млеко, и некои други основни намирници. Нови сме во овој кварт, неодамна се доселивме, па не контактиравме со соседите. Бев изненаден кога почнаа да тропаат на врата за да ни понудат храна и да споделат информации. Еден сосед ни донесе компири, друг млеко, трети споделуваат информации. Петта година сме овде, и навикнавме да функционираме со апликации, сепак, за да пливаме во тоа море во вонредни услови, потребна ни е помош од Кинези, вели Гаго.

Неговата сопруга Владица, која е наставничка по англиски јазик, и синот Јаков, кој е прваче, следат настава онлајн, но Гаго, кој работи како кошаркарски тренер во Шангај, нема работа додека трае изолацијата.

Засега ми е платено неработењето, но тоа нема да трае. Ако продолжи карантинот, веќе следниот месец ќе земаме намалена плата, вели тој.

Гаго со победничкиот тим (фото: приватна архива)

Политиката за карантин во Шангај беше критикувана поради одвојувањето на децата од нивните родители. Но, тоа веќе не се практикува, вели Миленковиќ.

Денеска дозволија децата и родителите да одат заедно. Видеово е од прифатен ценар, во којшто има преку 7000 луѓе. Овде ги носеа позитивните деца, кои не смеат да престојуваат со родителите и обратно. Ако родителот е позитивен, го носат во модуларен центар, а децата остануваат дома со волонтери. Се грижат и за миленичињата на болните. И тие се сместуваат во прифатни центри, објаснува Гаго.

Кина, каде што коронавирусот првпат беше регистриран на крајот на 2019 година, успеа во голема мера да ја искорени епидемијата до март благодарение на строгите мерки и политиката „нулта ковид“.

Но, бројот на случаи погоди илјадници луѓе на дневно ниво во последниве недели, при што официјалните лица велат оти откриле мутација на високо преносливата варијанта омикрон во близина на Шангај.


Разговараше Катерина Митиќ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.