Скокање од карпи, качување, спштање, лизгање, пливање, уживање во природно џакузи, многу смеење, уште повеќе возбуда и адреналин. Вака накусо би се опишала четиричасовната авантура што ја организираат ентузијастите од Mountain Solution – Tours Macedonia на реката Градешка во Мариово.

Новата атракција т.н. кањонинг која се реализира веќе трета сезона, е достапна и за домашните и за странските туристи.

Кањонингот подразбира пешачење низ речна клисура (кањон) и совладување на сите попатни природни препреки – водопади, каскади, природни базени (вирови). Притоа, може да се користат различни вештини на движење и техники на качување и спуштање. Се нуди во оранизирани групи, со водич, по сите меѓународни стандарди и прописи за безбедност и сигурност.

Како што велат од Mountain Solution, сезоната трае од мај до октомври. Кањонингот е погоден за поединци, парови, поголеми групи и семејства.

– Кањонинг по дефиниција е рекреација на отворено – спуштање по речна клисура (кањон). За разлика од другите спортови како рафтинг или кајак, се изведува пеш, без употреба на кану или гумен чамец, во комбинација од суви и водни патишта. Опфаќа спуштање со јаже, пешачење по експониран терен или воден тек, протнување низ тесни процепи, скокање во вода и пливање. Кањонингот е всушност комбинација од повеќе активности: искачување, одење по река, скокање од една карпа до друга, минување низ брзаци, вели Петар Нолев од Mountain Solution.

Според него, ова е водена активност за која не е потребно искуство. Единствено потребни се основи во пливање и афинитет кон адреналинска авантура. Облечени во неопренски водоотпорни одела, со појаси за тело, заштитни шлемови, јажиња, карабинери и друга техничка опрема, учесниците на денешната тура имаа можност и лично да го доживеат ова неповторливо искуство. Почетната точка беше селото Зовиќ по што следуваа три до четири часа пешачење со „егзибиции“ низ кањонот на реката Градешка. Авантурата на крај е заокружена со гастрономско уживање во етно куќата „Кај мостот“.

За поголема безбедност на севкупната понуда, дел од опремата е обезбедена со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (И.М.Е.).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.