Македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева ги изработи костимите за балетската претстава „Амадеус“ (Wolfgang Amadè) во Ст. Полтен и од Австрија се врати полна со впечатоци. Претставата ја режиераше Ренато Занела, со кога таа соработуваше минатото лето кога ја доби понудата да ја работи костиморафијата на претставата „Електра“, која се одржа на островот Сирос (веднаш до Миконос) во најстариот театар во Грција. Понудата тогаш стигна од познатиот интернационален Занела, кој долги години бил и и директор на Виенската опера и балет. Таа претстава беше „зелена карта“ за Ѓоргиева.

„ГО“ е модниот бренд на Ѓоргиева кој таа со години внимателно го создава и го развива и по кој стана препознатлива. Освен модните колекции Ѓоргиева има неколку костимографиски проекти за домашните театри. Во разговор за „Република“ открива дека уживала во изработката на костимите за „Амадеус“ и за своите идни планови.

По минатогодишната соработка со грчкиот композитор Микис Теодоракис во неговата „Електра“ како костимограф, сега повторно имаше интернационален проект во кој учестуваше како космтимограф. Како дојде до соработката?

После успешниот проект и соработка со претставата Електра, ја добив понудата за изработка на костимографија на претставата Амадеус, во Австрија. Станува збор за истиот тим , во проширена варијанта. Освен претставата „Електра“, имав и еден мал проект кој го работев за нив, тие беа навистина задоволни од мојата идеја од мојот начин на работа и од мојата посветеност. Кога стигна новиот проект, тие ми доставија официјална понуда, а која јас одговорив позитивно.

Какви се впечатоците на јавноста?

Ова беше фантастична претстава. Цела сала плачеше, почувајки од балетаните на сцена до гостите во публика. Имаше овации без престан кои траеа 15 минути. Кога се појавив на сцена имаше огромен аплауз и довикувања од публиката. После претставата ми приоѓаа луѓе и ми честитаа. Имав направено малку необичен спој на класика која не е баш својствена за тој регион таму, така што ним им беше необично и интересно. Претставата беше во режија на режисерот Ренато Занела, балетаните беа во склоп на „Еуропа балет“, од Сент Полтен, а за самата претстава имаа соработка со еден од најпознатите австриски сликари кој за претставата ја наслика позадината на сцената Christian Attersee. Претставата имаше премиера во Ст. Полтен , Австрија и Сан Ремо, Италија. Во текот на годината се планирани повеќе држави каде ќе биде претставена.

Со овие соработки дали значи дека од моден дизајнер преминуваш во костимограф кој ќе работи исклучиво балетски претстави?

Останувам моден дизајнер. Но, секако дека ова е една нова гранка од мојата работа која што исто така би ја работела и која ми е интересна и предизвикувачка.

Што е она што те предизвикува да правиш костими за балетските претстави?

Мојот живот е уметност, од секој аспект. Јас уживам во се што има креативност и естетика. Изработката на костимите е комплетна уметност, само што разликата е во принципот на работа.

Колку е различно правење костими за балет од цела линија за пролет – лето да речеме?

Различно е во секој случај, затоа што работите на зададена тема, за конкретни ликови, сцената и балетот бараат исто така одредени типови на материјали и изработка итн. Меѓутоа, бидејки јас сум позната како темтски дизајнер, секоја колекција ми носи некаква приказна, некако брзо се вклопив во тој систем.

Кои се твоите идни планови?

Планови има многу, но не брзам никаде! Ако изминатиот период трчав и пробував да стигнам на повеќе места, сега во наредниот период ќе биде малку поинаку. Имам таргети и фокус, така што до крајот на годината имам зацртано неколку работи на кои планирам комплетно да се посветам, а се што ќе дојде на мојот животен пат кое заслужува внимание е добредојено. Сигурно ќе има нова колекција, имам ново студио, фокусот ми е сега таму, тука се моите клиенти со кои сакам да си поминам квалитетно време и проекти кои треба да се завршат до крајот на годината. Тоа ќе дефинира веројатно многу работи понатаму.

Работеше и колекција за деца. Дали таа приказна ќе продолжи?

Да, таа приказна продолжи, главно се приватни нарачки, но секако има и парчиња кои можат да се најдат во моето студио.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.