Учениците со оштетен слух од државниот центар „Партенија Зографски“ во Скопје создадоа оригинални, уметнички и експериментални дела за време на едукативните работилници за мода, традиционално грнчарство, современа керамика, модерна обработка на дрво, продуктен и графички дизајн во рамки на проектот „Одговорна иднина“.

Иднината, според учениците кои учестуваат во проектот е убава, колоритна, игрива и позитивна.

„Одговорна иднина“ е називот на менторскиот и истражувачки проект што ги обедини концептите на инклузивност, занаетчиство, мода и одржливост, за да ѝ понуди светла перспектива на оваа група младинци, збогатувајќи им го портфолиото со широк спектар на теоретски знаења и практични вештини во полето на креативните индустрии, оспособувајќи ги притоа да побараат вработување и максимизираат своите потенцијали во рамки на посакуваната професија.

Обуките кои од почетокот на годината се одржуваат во државниот училиштен центар ги реализира Македонското модно здружение со поддршка од Образование за вработување во Македонија – Е4Е.

Македонскoто модно здружение има за цел на младите да им обезбеди можности за иднина без ограничувања, отворајќи ги хоризонтите и будејќи ги вродените таленти на секој yченик. Предводени од мноштво ментори, професори, поканети врсници, волонтери од заедницата и универзитетски практиканти од разни креативни дејности, младинците изминатите шест месеци колективно истражуваа како да ги вкрстат занаетчиските и модните референци со личните преференци. Црпејќи инспирација од културното наследство од нашето минато, се стремевме да ги развиваме иноваторите на нашата иднина, преку програма за современо учење во соработка со Е4Е – Образование за вработување во Македонија, истакнува Светлана Богова Јовановска, координатор на проектот „Одговорна иднина“.

Сите дела се создадени под менторство на уметницата Анета Попова (современа керамика), мајсторот-занаетчија Слободан Столески (традиционално грнчарство), дизајнерката Ирина Тошева и професорот Љубиша Савески (мода), тандемот Катерина Трпковска и Деспина Здравкова од „Rinocca“ (модерна обработка на дрво), Анита Гај од „Lotus Lounge Chair“ (продуктен дизајн), Јана Марковска од „DO:MORE“ (графички дизајн).

Се одржаа и интерактивни работилници со престижната школа Istituto Marangoni од Лондон и непрофитната организација Open Style Lab од Њујорк. Капсулната модна колекција е составена од уникатни модни изгледи со древни македонски имиња, кои се инвентивна реинтерпретација на народните носии и етно мотивите, пресоздадени со употреба исклучиво на фабрички текстилни остатоци и рачни доработки на детали, користејќи ги старите техники на плетење, кои на младите им ги пренесоа Валентина Кастратовиќ, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева.

Финалните производи може да се погледнат во каталогот „RESPONSIBLE FUTURE CATALOGUE“, кој e денес е достапен за јавноста како дигитална публикација, благодарение на соработката со Faktor Trust. Во процесот на негова реализација учествуваа самите ученици, предводени од Андријана и Димитар Петровски од „AniDimi Photography“, како и трите млади дизајнерки задолжени за графиката: Дијана Атанасовска, Ана Митреска и Ивана Митреска.

Заштитни лица на модниот едиторијал се моделите Игор Настески и Бојана Златкова, за чија фризура и шминка е заслужна визажистката Марија Лазарова, со палета на бои и линиски форми инспирирани од експресионизмот на Петар Мазев, како омаж на еден од најзначајните сликари во нашата земја.

Во чекор со светските тенденции за онлајн музејски тури и мултимедијални шоурмуми, направена е и виртуелна изложба за приказ на уметноста, занаетчиските продукти и дизајнираните креации, со поддршка од Europe House и Делегацијата на Европска Унија во Скопје. Како видеограф се потпишува Виктор Стојков, 3Д анимацијата е дело на Ѓорѓи Десподов, а автор на музиката е Бојан Филиповски-Gloomié. Дел од „поставката“ се и експонати од Музеј на Република Македонија, чиишто историски артефакти беа појдовен мотив за учениците од „Партенија Зографски“.

Виртуелната изложба претставува несекојдневно визуелно искуство, кое им пркоси на асумпциите за културата и конвенциите на нејзино прикажување, водејќи ги гледачите низ сосема нови пејзажи на музејските наративи. Изложба која обединува интердисциплинарни дела со заедничка фасцинација на богатството на нашата историја. Секое рачно изработено парче има корени во минатото, а сепак поинаков слој на значење за иднината, заклучува Милан Атанасов, уметнички директор на изложбата „Одговорна иднина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.