Дваесет и второто издание на Моден викенд Скопје ќе се одржи од први до трети октомври во Центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“. Организаторот најавува реномирани дизајнери, како и нови иновативни таленти од нашата земја и странство, што ќе се претстават во рамки на тридневниот шоурум „Свесна Мода“.

Отворањето е закажано за 19 часот, на први октомври, со музички перформанс на Gloomié. Моден Викенд Скопје оваа сезона е конципиран како тридневен „поп-ап“ настан со продажен шоурум, арт инсталации, студентски изложби, едукативни предавања и богата музичка програма. Влезот е слободен од 10 до 22 часот во петок (02.10) и сабота (03.10).

На 22. издание на Модниот викенд Скопје ќе учестуваат: Ирина Тошева, Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, Пара Тодор, Минимал МК, Котев Ксенија, Седум, Тесути Арт бај Ана Јаким, Мелем, Сенка, Липа, Саксија урбан потс…Експонатите ќе може да се купат со големи попусти.

Заедно со нашите партнери направивме внимателна селекција на современи дизајнери и брендови кои вреди да ги види широката публика. Главна цел како организациски тим ни е да им пружиме максимална поддршка на креативните дејци во моментот, фокусирајќи се на врвните имиња, но и на новите таленти кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата. Тие се модните херои на денешницата, бидејќи позитивно влијаат на свеста на заедницата, истакнува Милан Атанасов, координатор за односи со јавност на Моден викенд Скопје.

Моден Викенд Скопје ја продолжува соработката со школата за уметност и дизајн Djolev and the Arts, чиишто студенти ќе имаат изложба на ова издание на Моден викенд. Во однос на eдукацијата за целосната одржливост како начин на живот, којшто може да има длабок импакт на иднината на планетата и човештвото генерално, со професионални излагања на темата ќе се вклучат во панел дискусија претставниците на Фешн Револушн.

Кон мисијата да се промовира најдоброто од одржливиот дизајн во Скопје, како коорганизатор за реализација на проектот „Свесна Мода“ се придружи берлинската консалтинг агенција ONLYАFEW, предводена од тандемот Дороти Сара Спехар и Кристина Илиевска.

Ни претставува особена чест и задоволство што сме активно вклучени во сите аспекти, од планирањето до имплементацијата на идеи за овогодинешното издание на Моден Викенд Скопје. Нашата агенција нуди консултантски услуги скроени по мерка за брендовите, односно им овозможува да ја дефинираат нивната ДНК, заснована на одржливост, креативност и иновативност. Ја промовираме визијата за мали колекции базирани на вештини, разумни пласмани за продажба, фер услови помеѓу брендовите и трговците, како и радикална транспарентност, нагласува Кристина Илиевска, креативен директор во ONLYAFEW.

За време на настанот ќе бидат применети сите мерки и препораки за заштита и превенција од КОВИД-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.