Талентот никој не може да ѝ го земе, но би требало некој да поработи на манирите, доброто однесување и општествените протоколи. Успехот на „Горда“ покажа дека имаме пејачка со која можеме и треба да се гордемее, но имаме и Тамара, која треба да поработи на манирите кога веќе цели високо во општествениот живот.

По евровизискиот успех Тамара и нејзиниот тим беа на прием кај премиерот во Владата. Се појави облечена во комплет со дезен кој за модните експерти е тренд, но за останатите – скапи пижами. Впрочем, и во модниот свет овие пижами се – пижами за дотерување. Тамара ги беше искомбинирала со бежови салонки и дискретен накит. Но, барем беше облечена.

(фото: Влада на РМ)

Вчера, пак, Тамара му беше гостинка на претседателот на Република Македонија, или Северна Македонија, во неговиот претседателски дом – Вилата Водно. Домаќинот костумосан, гостинската во маичка по прерамки, со очилата заглавени меѓу градите. Како да вртела скара на некој лединка на Водно, па на поминување свратила.

(фото: Кабинет на ПРМ)

Непристојно и некултурно е да застанеш покрај претседател на држава, во неговата резиденција, во маичка на прерамки со очилата заглавени меѓу градите. Па, Пендаровски не ја пречека во влечки и пењоар, а дома е човекот. Некој требаше да ѝ каже на Тамара дека е непристојно, а некој друг, пак да не ѝ дозволи да влезе во вилата така облечена.

Со изборот на облеката се искажува почит кон институцијата, а тоа сигурно не значи обезличување на личноста, во случајов уметникот. Тамара многупати досега била и убаво и пристојно облечена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.