Во Скопје во одржа осмото издание на Модната ноќ на невестите на кое дизајнерите за новата сезона им понудија различни идеи на идните невести.

Вечерниот спектакл го отвори ателјето „Al Aparel by Natasa Karceva“, во чија креација се појави на сцената и македонската инфлуенсерка Никица Ацева, заштитното лице на овогодишната кампања „Маrry Me“. Колекцијата на сензуални венчаници „Simplicity” совршено ја истакнува женственоста, преку внимателно одбрани материјали, висококвалитетни тантели, прецизно одбрани кроеви и форми, како и мноштво рачно изработени додатоци, кои на беспрекорен начин го надополнувааат визуелниот ефект на секој од моделите.

Шоуто продолжи со бутикот за венчаници „Лебед“. „Urban Princess“ е круна на дваесетгодишнината од неговото постоење, а секоја венчаница има своја посебна магија и совршено се поврзува со девојката која ќе ја одбере. Посветена им е на сите принцези среде урбаниот хаос, кои знаат да го направат вистинскиот избор и уживаат во моментите што ним им значат.

Koсовската модна куќа „Menakon Creations“, пак, со години се обидува да ја претстави жената во најатрактивни облици. Таа е сензитивна, сензуална, романтична, убава и весела, но истовремено и силна, независна и одлучна. Таа умее и да љуби и не се откажува од потрагата по нејзината друга половина. „Il Fiore“ е називот на колекцијата за пролет и лето, со бои и кроеви кои низ креациите го прикажуваат цутењето на една прекрасна душа.

Сјајот и гламурот на женaта блеснаа на ревијата за „Crystal collection“ со потпис на MCouture. Доминантната кристална нота им го збогатува вродениот шарм и е природен додаток на брилијантноста и убавината на припадничките од понежниот пол. Креациите се изработени од најфини материјали, во комбинација со рачна изработка на апликации од кристали, камења и бисери, како и со мотиви од пердуви, карнери и цветови, кои ќе ја трансформираат секоја девојка во невеста од соништата.

Модната ноќ на невести ја затвори ателјето „Anna Bora“ и неговата предводничка Елиф Сали, приредувајќи задоволство за сите сетила. Публиката уживаше во глетката на стилски различните свадбени фустани, од прогресивни кои ги следат најновите модни трендови, до екстравагантни венчаници со експериментални кроеви, инспирирани од француската висока мода. Секоја од креациите е уникатно доживување, со рачно изработени додатоци и природни материјали.

Осмото издание на настанот помина и во знакот на отворениот шоурум во попладневните часови, каде посетител(к)ите одблизу се запознаа со колекциите, односно купуваа на големи попусти од широкиот спектар производи на изложувачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.