Во книжарницата на Музејот на современата уметност во Скопје е достапно специјалното издание на производи на „Лудус“, македонски моден бренд за безродова еколошки одржлива мода.

Колекцијата се состои од монохроматски маици со издолжени пропорции, во црна и бела боја, изработени од памук со нула отпад, според заложбите на брендот за одржливо модно производство. Производите може да се носат и како фустани, што ја отсликува безродовата визија на дизајнерот Драган Христов.

„Лудус“ е македонска модна етикета основана во 2010 година, една од ретките што прават пробив на интернационалниот пазар. Колекциите на „Лудус“ се застапени во концептуални продавници во Европа и курирани веб-продавници за независни дизајнери во САД, Велика Британија, Холандија, Германија и во Словенија. „Лудус“ создава унисекс-колекции што ги рефлектираат промените во врска со родовата рамноправност во западните општества. Не занемарувајќи го старото словенско културно наследство, „Лудус“ креира современи минималистички силуети што се базираат на основни човекови чувства.

Од 2015 година, „Лудус“ користи исклучиво природни материјали во колекциите, стремејќи се кон нула отпад во производството и конструкцијата, а со новите динамики наметнати од пандемијата, „Лудус“ започна со природно боење на дел од материјалите со ботанички состојки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.