Дваесет и првата сезона на Моден викенд Скопје е конципирана како мултимедијален проект во дигитално издание, па наместо од редовите во публика, широката јавност сега има шанса виртуелно да го проследи и од своите домови. Организацискиот тим на манифестацијата за секого од учесниците направи промотивни видеа и едиторијални фотографии, пружајќи им максимална поддршка на домашните дизајнери во моментот.

Новите колекции од учесниците на дваесет и првата сезона, ексклузивно ќе бидат презентирани од денеска на социјалните мрежи, со премиера на снимените видеа и фотографии.

Под слоганот „FWSK goes DIGITAL“, најголемиот моден настан во градот ја започнува втората декада oд постоењето во едно сосема поинакво руво, следејќи ги во чекор актуелните тенденции од метрополите ширум светот.

Прва под синото и сончево небо над Скопје блесна колекцијата „White Stone“ so потпис на Евгенија Зафировска. Изработенa е од природни материјали, а надополнетa со чипка и елементи од рециклиран материјал. Преовладуваат белата и светлите бои, со микс на геометриски образци и простор за создавање чувство на проток и нежни струи. Во креациите на македонската дизајнерка со љубљанска адреса е постигнат совршен баланс помеѓу архитектурата и природата. Инспирација за нивната грациозност и одржливост претставува белиот брачки камен од кој е изградена Диоклецијановата палата.

„Vibrant Muse“ е називот на колекцијата од младата и талентирана Блерта Османи, инспирирана од мексиканската култура, уметноста и воодушевувачките автопортрети на Фрида Кало. Палетата на бои, како и везовите и цветните дезени на креациите, автентично ја отсликуваат мексиканската традиција и самата уметница, феминистичка икона и муза на стилот.

Новата колекција на накит и облека од брендот Terziya го опишува екот на минимализмот во вечерните изгледи кон крајот на седумдесетите години во Њујорк. Накитот е дваесет и четири каратна позлата со жолто злато изработена во Бразил со полудраги и драги камења од проверено потекло, надополнет со кожа од питон на одредени примероци и природни кристали. Оваа колекција накит гаи посебна естетика на безвременска елеганција, истовремено носејки ги благодетите на природните камења. Начинот на изработка дозволува камењата да бидат во постојан допир со вашата кожа, со цел да го почувствувате влијанието и енергијата на каменот што сте го одбрале.

По речиси половина деценија отсуство од нашата сцена, дизајнерката Стефанија Насеска приреди сензационален камбек на Моден Викенд Скопје. Нејзината повратничка колекција со наслов „Candy Love“ e визуелна ода за љубовта во пастелни нијанси. Најзастапена е розовата боја во комбинација со шаренило од слатки и нежни тонови кои будат чувство на радост. Посветена е на убавите моменти во животот, а носи една и единствена порака: Ширете љубов!

Модното ателје KTN на сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски, пак, дебитира на настанот со „FemmEPIRE“. Следејќи ја француската нота на кројот, колекцијата гласно говори за добро позната состојба на духот, каде со едноставен спој на црното и белото се слави женската силуета и женскиот потенцијал. Елеганција забележана како танцува помеѓу стиловите: ниедна империја не е создадена за еден ден. Но тој ден, е денес.

Од странските брендови ќе бидат претставени колекциите на Guess Jeans и Marciano. Освен женската, отсега достапна е и машката Guess jeans колекција, брендот за ексклузивен италијански накит SIGMA Jewelry и најголемиот луксузен мултибренд, Magnetik Gallery кој ќе се претстави со гламурозни и екстравагантни парчиња од своето портфолио на врвни брендови.

Извршен продуцент на дваесет и првото дигитално издание на Моден Викенд Скопје е Света Богова Јовановска. Видеата се дело на Кристијан Шемко и Марина Трајковска, додека автор на музиката е Gloomié. Екипата ја сочинуваат: Милан Атанасов, Мајкл Шемкоски, Дамјан Корубин, Виктор Цветановски и Александар Петрушев.

Моделите се дел од модната агенција Подиум.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.