„Пинк лемонеид“ е називот на новиот домашен бренд со моден потпис на македонската дизајнерка Стефанија Насеска, создаден за да биде носен од девојки и жени кои сакаат да изгледаат уникатно, смело и енергично. Првенче е колекцијата со симболичен наслов „Flamboyant Blossoms“, која ќе биде прикажана во два дела.

Првиот е веќе достапен за широката јавност, промовиран заедно со лансирањето на брендот Pink Lemonade, на социјалните мрежи. Станува збор за петнаесетина стилски и колоритни изгледи за пролет и лето.

Целта ни е во нашата колекција да се пронајдат повеќе типови на жени со различна градба на телото, а притоа да бидат единствени, забележани и полни со самодоверба. За да се осигураме во уникатноста, како појдовна точка ги зедовме принтовите кои се цртаат и изработуваат специјално за нас, а воедно истите ги сметаме и за наш заштитен знак по кој во иднина ќе бидат препознатливи колекциите, истакнува дизајнерката Насеска.

Заштитни лица на првиот дел од колекцијата „Flamboyant Blossoms“ се моделите Вања Петрушевска од модната агенција Подиум и Татјана Јанушева од Моделс Ин.

Во чекор со светските тенденции за свесна и одржлива мода, заштитата на животната средина и грижата за вработените е од огромна важност и меѓу главните приоритети на брендот Pink Lemonade, што се отсликува и самиот процес на производство.

Сите парчиња се дизајнирани и изработени исклучиво во Македонија со сопствено производство. Себеси се сметаме за едно семејство, кое полека но сигурно расте и се грижиме секој наш член-клиент да го добие заслужениот позитивен третман,  заклучува Насеска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.