Вториот ден на Моден Викенд Скопје кој завршува вечерва во Музејот на Град Скопје почна на железничката станица со авангарден перформанс на Теодора Митровска, која со стариот воз на Јосип Броз Тито ги одведе посетителите на патување низ времето на поранешна Југославија.

Македонската дизајнерка со лондонска адреса, прва го отвори вториот ден на Моден Викенд Скопје, приредувајќи несекојдневна визуелна презентација на машката колекција „20.18“.

Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза и на темнина. Дизајнерката поигрува со мажественоста и родовите стереотипи кога е гардеробата во прашање, па истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали, таа настојува да ги урне ваквите бариери.

Програмскиот дел продолжи во Музејот на град Скопје, со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд Jar & Jam, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух, особено во зимските месеци.

Првите чекори на домашната сцена вечерта ги направи Мила Спасовска под етикетата Yamuna, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“.

Со ревијата за „LA NUIT“, на модната писта настапи и Зана Алиу, на која визијата оваа сезона ѝ е да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното. Според дизајнерката, црната боја е царица на општеството.

Финишот на саботниот ден беше резервиран за нетрпеливо очекуваниот проект „Нитка“, чиишто учесници ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс, во рамките на Моден Викенд Скопје. Станува збор за групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето.

Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, шестмината за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Рачно сплетоа оригинални модели, работејќи во тандеми, а конечниот резултат е изненадувачки. Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во склоп на манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година.

Моден викенд Скопје завршува вечер во Музеј на Град Скопје.

Автор на фотографии: AD Photography

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.