Повеќе од 300 брендови за облека бараат од купувачите да не купуваат ништо на распродажбите на Црниот петок поради еколошки причини. Организацијата „Направете го петок повторно зелен“ (Make Friday Green Again) вели дека зделките за попуст ги охрабруваат луѓето да купуваат работи што не им се потребни.

Тие истакнуваат дека оваа „хиперпродукција“ придонесува за климатските промени.

Наместо тоа, купувачите на 29 ноември годинава да погледнат во своите гардеробери и да видат кои предмети можат да ги поправат, да ги продадат или да ги рециклираат. Но, Британскиот конзорциум за малопродажба тврди дека денот им дозволува на потрошувачите да купат производи што вообичаено не можат да си ги дозволат.

Колективот, претежно составен од француски брендови, го започна Николас Рор, еден од коосновачите на еколошката компанија за облека, Фагуо.

Кога луѓето купуваат нешто, ние загадуваме поради емисијата на јаглерод што доаѓа од правењето на тој производ, од неговото користење и потоа од ослободувањето од тој производ. Ние сакаме луѓето да се фокусираат на она што веќе го имаат во своите гардеробери, ако навистина ви треба нешто повеќе, можете да го купите. рече тој.

Што е Црн петок?

Црн петок е најпрометниот шопинг-ден во годината, кога многу трговци на мало имаат специјални 24-часовни промоции, за да ги натераат луѓето да купуваат подароци за Божиќ. Тоа е концепт што почна во САД и се одржува ден по американскиот празник Денот на благодарноста. Заштедите можат да бидат толку значајни што можат да урнат интернет-страници и да се видат купувачи кои со денови однапред чекаат поволни цени.

Дали Црниот петок е лош за животната средина?

Сè што купуваме не чини само пари, туку има и еколошки трошоци. Ова зависи од тоа како е нешто направено, од што е направено, колку далеку е транспортирано и што се случува со него на крајот од неговиот живот. Аргументот од колективот е дека колку помалку купувате, толку е помало влијанието врз животната средина. Исто така, може да ви заштеди пари.

Доктор Петси Пери, постар предавач за моден маркетинг од Универзитетот во Манчестер, рече:

Црн петок е одлично време да се искористат попустите, но тоа е спротивно на она што се обидуваме да го направиме со одржливоста. Од една страна, трговците на мало сè повеќе зборуваат за одржливост сега и за сите добри работи што ги прават, но, од друга страна, се чувствува како да ги охрабруваат луѓето да продолжат да купуваат повеќе работи. Големите попусти комуницираат нешто до потрошувачот во однос на тоа колку вреди тој производ. Мислам дека сè повеќе ќе видиме повеќе бизниси кои велат дека не сакаат да бидат дел од овој (Црн петок).“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.