Црвените јајца, детскиот џагор и вербата во Бог се она што секоја година го одбележува големиот христијански празник Велигден. Ден кога секое домаќинство подготвува голема трпеза за дочек на најблиските за да се прослави Христовото воскресение. Кујните замирисаа на топло печени лепчиња, торти, бојадисаните јајца гордо ќе стојат во секој дом симболизирајќи го Христовото воскреснување и почетокот на новиот живот во православните домови. По строгиот Велигденски пост, во недела посното мени се заменува со раскошна велигденска трпеза.

За солени и лесни рецепти, но со огромна доза на уникатност, ги препорачуваме вкусните велигденски гнезда од компир. Се приготвуваат екстремно лесно и брзо, а ќе ви бидат потребни:

• 2 дебели парчиња шунка
• рендани компири
• сол и свежо мелен црн бибер
• крем сирење
• ситно рендана кора од еден лимон
• 2 лажици млеко
• 1/4 чаша замрзнат грашок

Ренданиот компир заедно со шунката ги ставате во еден сад и ги мешате заедно со солта и свежо мелениот црн бибер. Ги распоредувате во силиконскиот сад за печење и ги печете 20 минути, на 200степени. Потоа во сад го ставате крем сирењето и ги додавате ренданата кора од лимон, млекото, солта и биберот. Сето тоа заедно го матите додека не се направи одлична текстура на смесата за без проблем да ја ставите во шприц за шлаг.
Ги вадите одлично печените гнезда од компири и ги полните со шприцот исполнет со крем сирење и лимон. Потоа ги ставате повторно на печење од околу 7 минути, а кога ќе бидат готови врз нив украсувате со зрна грашок и шунка.
А за десерт, чоколадо. Чоколадото секогаш е радост за семејството. Кој не би сакал уникатен десерт со богат вкус на чоколадо? Вашето семејство ќе се израдува на чоколадните јајца полнети со омилениот сладолед или овошје.

Земете неколку мали балони, измијте ги убаво, избришете ги, а потоа надујте ги. Растопете чоколадо, а потоа потопете ги балоните еден по еден до половина во густото чоколадо. Потоа наредете ги на хартија за готвење и оставете ги да се изладат во фрижидер.  По стврднувањето, дупнете го полека балонот и отстранете го. Чоколадната „лушпа“ наполнете ја со сладолед или со вашето омилено овошје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.