Секоја земја има по еден специјалитет што се јаде за Нова година и за кој се верува дека носи пари и љубов во годината што следува.

Во Шпанија Новата година започнува со консумирање на 12 зрна грозје пред полноќ. Ама за магијата да влијае, треба секое зрно да го изедете на секое отчукување на часовникот, а последното точно на полноќ. Секое зрно всушност претставува по еден месец во следната година, па така според вкусот на зрната, дали се кисели или благи, ќе знаете и кој месец каков ќе ви биде. Оваа традиција е позната уште од 1909 година, а веќе е распространета и во Венецуела, Куба, Мексико, Еквадор и Перу.

Зеленчук, ама варен, и тоа зелка и блитва, е среќна храна што за Нова година се консумира во многу земји, а верувањето е дека пари ќе ви течат цела година зашто зелените листови на овој зеленчук наводно личат на превиткани пари.

Гравот, грашокот и леќата исто така симболизираат пари според некои верувања. Во Италија и Германија по полноќ се јаде леќа со свински колбаси, зашто и свинското се смета за „среќна храна“. Во Бразил првиот оброк по Нова година е супа од леќа, додека во Јапонија во првите три дена се јаде манџа направена од сите три „среќни“ намирници – грав, грашок и леќа. На југот на САД, пак, традиција е да се јаде црн грав.

Постои верување дека свињата претставува напредок. Се јаде во Куба, Шпанија, Португалија, Унгарија, Австрија, како и на Балканот, а Швеѓаните традиционално јадат варени свински нозе.

Рибата, пак, како новогодишна храна се јаде во многу приморски земји уште од средниот век, а во последно време за „среќна храна“ се смета и морската салата.

Според верувањата, како што постои храна што носи среќа во Новата година, така постои и храна што по секоја цена треба да се избегне: јастогот затоа што се движи наназад, пилешкото месо зашто кокошката копа наназад, а и сè што има пердуви зашто среќата би можела да ви одлета.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.