Министерството за култура годинава финансиски го помогна одржувањето на Меѓународната манифестација „Гастромак 2019“, која ќе се одржи од 10 до 14 октомври во Охрид.  Преку манифестацијата на која ќе учествуваат 300 гости од 30 држави, Македонија пред учесниците и натпреварувачите од другите земји ќе ја претстави својата кујна, традиција, култура и обичаи.
Манифестацијата која се одржува по четврти пат за домаќин го има градот Охрид, а мотото што ќе ги екипира сите љубители на гастрономија е „Don’t Worry, Be Ohrid!” (“Не се грижи, биди Охрид!”).
Организаторите најавија учество на 300 натпреварувачи од 30 земји- Дагестан, Азербејџан, Русија, Кореја, Италија, Франција, Украина, Турција, Албанија, Србија, Хрватска…, па дури и од Сибир, потоа – над 90 лиценцирани WACS судии, гастрономски амбасадори и почесни гости од сите краишта на планетата.
Почетокот ќе го означи големо дефиле на учесниците, судиите, мастер предавачите… а се до гаснењето на рефлекторите – на 14 октомври,  организаторите уверуваат дека ќе има што да се види и вкуси, натпревари и програма за сите вкусови и генерации.
Предвидено е учесниците да се натпреваруваат во хотелот Нова Ривиера, а во вториот дел – пред хотелот, ќе се случуваат презентации за сите гурмани од нашата, но и од од другите интернационални кујни. Еден од настаните што не треба да се пропушти е Фиш фест на Дон Давид, (BBQ FISH FESTIVAL DON DAVID), што ќе се случува на 12 октомври, настан во настан, кога судиите, 10 „Мишелин ѕвезди“ ќе приготвуваат скара за присутните.
Од „ГастроМак“ најавуваат дека натпреварот е логистички поддржан од WACS – (World Association of Chefs Societies), Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која што ги обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот. Токму затоа, целта на Асоцијацијата е да се грижи за богатата традиционална култура на нашето, македонското поднебје, и „да ги промовира едукативните процеси кај готвачите и да воведе светски кулинарски трендови во чекор со современата македонска кујна.
Претседател на судскиот тим е познатиот Стево Карапанџа, гастрономски гуру, кој оставил толку многу багаж зад себе, па и по скоро 50 години, предизвикува почитување. 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.