Традиционалната манифестација „Охридска софра 2019“ и годинава ги прогласи најдобрите мајстори за приготвување ѓомлезе, па така селото Скребатно во близина на Охрид, викенов беше најатрактивна дестинација во регионот.
Тричленото жири, годинава составено од претставници на Националната асоцијација на готвачи – ГастроМак, за највкусно ѓомлезе во Охридско го прогласи она што го направи Кристина Богданоска. Второто место и’ припадна на Лиле Кароска, а третото – на Добринка Џуклеска.
Стотици вљубеници во оваа манифестација од земјава, но и од странство, имаа можност да ги вкусат мајсториите на ѓомлезарите, коишто уште од рано утрината во саботата ги запалија ѓомлезарските огништата за подготовка на традиционалниот специјалитет што никого не остава рамнодушен.
„Охридска софра“, како вистинска гурманско-туристичка атракција, претставува извонредна можност за промоција на алтернативниот туризам во охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра. „Убавините на природата, на умешен начин поврзани со вусот на традиционалните рецепти, се уникатен туристички производ кој од година в година станува сè попривлечен, како за домашните, така и за странските посетители и гости. Креирајќи ја туристичката стратегија со вакви случувања, битно придонесуваме во развојот на руралниот, како битен дел од алтернативниот туризам”, изјави на отворањето на манифестацијата
Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Героргиески. Ѓомлезе, ѓомлезец, тури-потпечи или како што уште го викаат -кашаник е македонско традиционално јадење, симбол на кулинарството во Охридско и Струшко, а сите присутни имаа можат да гледаат како се приготвуваат, а потоа и да ги дегустираат. Во текот на неколкучасовната програма, младите готвачи од ГастроМак имаа специјално “Cooking Show”, а активностите на „Охридска софра 2019“ беа снимани како дел од готвачкото шоу – „Вкусот на традицијата“ со Адријана Алачки. За доброто расположение на присутните беа задолжени доајените на традиционалната фолк песна – дуетот Селимова – Желчески и Ансамблот “Билјана jуниор“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.