Непрофитната организација за заштита на животната средина EWG, со седиште во Соединетите Американски Држави, во својот годишен Водич за купувачи, објави листа на конвенционално одгледувано овошје и зеленчук, најмногу и најмалку контаминирани со пестициди.

Анализата е базирана на најновите тестови на Министерството за земјоделство (USDA) и Управата за храна и лекови (FDA).
Оваа организација е посветена на заштитата на човековото здравје и животната средина, а од 2004 година објавува ажуриран водич и рангира 47 популарни видови свежо овошје и зеленчук.

Од 35.200 тестирани примероци, остатоци од пестициди се пронајдени на повеќе од 70 проценти од неорганското овошје и зеленчук. Иако се наменети за заштита на растенијата и нивните плодови, многу од нив имаат негативно влијание врз здравјето на луѓето.

Овошје и зеленчук со најмногу пестициди

Јагодите се први на листата и содржат најголеми количини на различни пестициди. Просечен Американец јаде 8 килограми јагоди во текот на годината, а како додаток добива коктел од пестициди кои го штитат родот на ова овошје од напади на штетници и појава на болести.

Анализата откри супстанции поврзани со рак и репродуктивно оштетување, или се забранети во Европа. Откриени се просечно 7,8 различни пестициди, што е многу повеќе отколку кај другите земјоделски видови за кои просекот е 2,5 пестициди.

По нив следува спанаќот, па кељот. Нектарините, јаболката и грозјето ја продолжуваат оваа неславна серија овошја во однос на содржината на пестициди. Пиперките и лутите пиперчиња се на средината на листата, а низата ја дополнуваат вишните, праските, крушите, целерот и доматите.

Најмалку третирани видови

Оваа листа вклучува петнаесет видови кои се најмалку третирани со пестициди. Авокадото е на прво место, а потоа слатката пченка, ананасот, кромидот и папајата.
Според анализите, низата продолжува со замрзнат грашок, аспарагус и зимска диња. На дното на листата се кивито, зелката, печурките, дињата, мангото, лубеницата и слаткиот компир.

Извор: Агротим

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.