Гевгеличанецот Синиша Чамџиќ го освои осмото место на светскиот пица шампионат во Рим, Италија. Македонскиот тим, покрај Синиша Чамџик, го сочинуваа уште и Дејан Трајанов-Чеде од Охрид и Хисен Таири од Тетово.

Да бидеш меѓу првите десетмина во светот во правење пица,  хранливиот производ  чија татковина е токму Италија, е исто како да му продадеш фрижидер на Еским! Но, шегата настрана, пица-мајсторот Синиша Чамџик од Гевгелија, кој е вработен во една од многуте пицерии во нашиот најјужен град, го направи токму тоа. Докажа дека не само Италијанците се мајстори во правењето вкусни пици туку дека и Македонците може добро да го прават тоа, па дури и подобро од нив.

Светското првенство на „Пица без граници“ се одржа во Рим, во мултифункционалниот изложбен простор на Rome Food Excel.

На овој шампионат, кој беше организиран под покровителство на Општина Рим и на Здружението на римска пица, а во соработка со Master Pizza Champion, учествуваа преку 250 мајстори од целиот свет. Македонскиот тим, покрај Синиша Чамџик, го сочинуваа уште и Дејан Трајанов-Чеде од Охрид и Хисен Таири од Тетово. Сите тројца се натпреваруваа во категориите пица класика, пица наполетана и мистери бокс. Ментор на тимот беше Зоран Јованоски-Паламаро од Accademia Pizzaioli Macedonia.

Синиша Чамџик е еден од најдобрите пица мајстори во Македонија. Правењето совршена пица го започнал како хоби, а го усовршил кај маестро Зоран Јованоски- Паламаро на лиценцираната Академија за пица мајстори. Тој е длабоко навлезен во техниките за правење пица наполетана и пица контепоранија или модерна наполитанска пица. Во државава на рака може да се избројат мајсторите што ги прават овие видови пица. Синиша е еден од нив.

„Беше многу возбудливо, но и напорно“, ни рече Синиша, затоа што судиите ја оценуваа комплетната работа на натпреварувачите, почнувајќи од хигиената во боксот, отворањето на тестото, техниката на печењето, изгледот на пицата и најважно, нејзиниот вкус. Имавме“, продолжи Синиша, „10 минути за подготовка на пицата, и на крајот јас, во категоријата пица наполетана, имав така високи оценки што го зазедов осмото место.

Ова е голем успех, не само за мене“, скромен е и натаму Синиша, „туку и за моите колеги бидејќи и тие имаа солидни резултати. Сакам да изразам голема благодарност до инструкторот Зоран Јовановски-Паламаро и среќен сум што ја претставивме Македонија во најдобро светло, како што прилега“.

Тајни големи нема“, одговара, „но, како што велат и самите Италијанци, не е лесно и сè зависи од тестото, кое се состои од пет артикли: брашно, вода, квасец, сол и петтиот, но најважен – љубовта и страста што треба да се поседуваат. Ако ги нема љубовта и страста, не може да бидеш добар мајстор на една наполитанска пица“.

Во Македонија добро може да се заработува како пица мајстор, да се заработува над просечната плата. Побарувачката за пица мајстор во Македонија е многу голема затоа што доста луѓе кои имаат големо искуство, заминуваат да работат во странство од финансиски причини. Но, јас сакам да успеам тука, во Гевгелија и Македонија и одлучив да останам,вели Синиша.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.